Пребарување

1660560783553.jpg

Папата: Марија ни кажува дека вистинската моќ е служењето, а да се владее значи да се љуби

Во пладневното обраќање на празникот Вознесение на Пресвета Богородица, Папата зборуваше за значењето на химната на Мајката Исусова „Величај“, која ни ја пренесува Евангелието според Лука и која зборува за Божјото дело во историјата и исто така навестува пресврт на вредностите, пророкувајќи што ќе каже Исус. На прво место не се моќта, успехот и парите, туку служењето, понизноста, љубовта.

Бог преку Марија го започна историскиот пресврт, дефинитивно воспостави нов поредок на нештата – објасни папата Фрањо во своето пладневно обраќање, на празникот Возенесение на Пресвета Богородица, понеделник 15 август 2022 година. За тоа зборува химната „Величај“, која таа ја изговара како одговор на поздравот на нејзината братучетка Елисавета, како што е опишано во Евангелието од празничната Литургија.

Папата вели дека „Величај“ е дар за нас од Богородица, за целата историја; ја нарекува „песна на надежта“, химна на пофалба и воскликнување за големите дела што Господ ги направил на неа, но со кои Марија продолжува да оди. Имено, тој го набљудува Божјото дело во целата историја на својот народ, велејќи дека Господ ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни. Сепак, сака да ни каже нешто многу поважно – рече Папата.

https://www.youtube.com/watch?v=KUtGUcZLWvI

Малите и смирените ги воздигна - денес тоа го славиме – и е доведена во небесна слава, додека моќниците на светот беа предодредени да останат со празни раце. Сетете се на параболата за богатиот кој го имаше просјакот Лазар на врата. Како заврши? Со празни раце – рече Папата. Богородица, со други зборови, најавува радикална промена, пресврт на вредностите. Додека разговара со Елисавета, носејќи го Исус во утробата, навестува што ќе каже нејзиниот Син кога ќе ги прогласи за блажени сиромашните и смирените и ги предупреди богатите и оние кои се потпираат на сопствената самодоволност – рече Папата.

Пророштвото на Богородица

Накратко, тоа е пророштво на Богородица, бидејќи таа со своите зборови го покажува патот што Христос ќе го зацрта како пат кон Царството Небесно. Затоа, Богородица пророкува со таа химна, со таа молитва; пророкува дека на прво место не се моќта, успехот и парите, туку служењето, понизноста, љубовта. Гледајќи ја во слава, сфаќаме дека вистинската моќ е служењето. Да не заборавиме дека: вистинската моќ е служењето – повтори и додаде: А владеењето значи да се љуби. Тоа е патот до Небо.

Небото е на дофат ако не попуштиме на гревот

Светиот Отец потоа поттикна да размислиме дали овој пресврт, најавен од Марија, влијае на животот на секој од нас; дали веруваме дека да љубиш значи да владееш и дека да служиш значи моќ; дали целта на нашиот живот е небото или се грижиме само за земните, материјалните работи; или пак, гледајќи ги настаните во светот, дозволуваме ли да нè зароби песимизмот или како Богородица, знаеме да го видиме Божјото дело, која преку благоста и маленоста прави големи работи.

Марија денес пее за надежта и повторно ја буди надежта во нас; во неа ја гледаме целта на патувањето: таа е првото создание кое со тело и душа победнички ја помина целта, Небото. Тоа ни покажува дека Небото е близи. Како е можно тоа? – праша Папата и истакна: Да, небото е близу, ако не се препуштаме на гревот, ако го славиме Бога со понизност и великодушно им служиме на другите. И покрај тоа што сме слаби, Бог е блиску до нас, затоа што е милостив – додаде Петровиот наследник и повторно потсети дека Божјиот стил е близина, сочувство и нежност. Затоа, Марија нè придружува во славата и нè повикува да се радуваме, мислејќи на рајот - рече на крајот папата Фрањо и ги охрабри верниците да побараат од Мајката Исусова поглед што може да го открие Небото на земјата.

16 август 2022, 08:16