Папата: Евхаристијата нѐ повикува да го внесуваме Бог во секојдневниот живот
После катехезата одржана на Генералната аудиенција во среда 15 јуни 2022 година папата Фрањо поздравувајќи ги присутните на плоштадот Свети Петар, го спомна празникот на Пресветата Евхаристија – Тело Христово по повод кој во базиликата Свети Петар ќе се служи свечено литургиско славење кое ќе го предводи кардиналот Мауро Гамбети, архипрезвитер и Папски генерален викар за Градот Ватикан.
Празникот на Пресветото Тело и Крв Христови нѐ повикува да излеземе и да го внесеме Господ во секојдневниот живот – рече Папата обраќајќи им се наверниците од германското говорно подрачје и додаде: И да го понесеме таму каде животот се одвива со сите свои радости и страдања. Во поздравот до ходочасниците на шпански јазик Папата пак поттикна на молитва до Бог за да ни даде да бидеме „евхаристиски“ луѓе, благодарни за примените дарови и способни да ги даруваме на другите, служејќи со радост, посебно на оние кои тоа им е најпотребно.
Поздравувајќи ги ходочасниците од Полска Папата објасни дека на празникот на Пресветото Тело и Крв Христови си спомнуваме на вистинското присуство на Бог во Евхаристијата, во лебот и виното и посака евангелизациските концерти кои по тој повод се одржуваат во Полска да побудат во сите вера за да го примаат Телото и Крвта Христови се подлабоко, чувствувајќи ја Неговата љубов. Потсетувајќи на крајот дека во Италија празникот Тело Христово се слави во недела посака: Нека Евхаристијата, таинство на љубовта, за сите вас биде извор на милост и светлина кои ги осветлуваат патиштата на животот, поддршка во потешкотиите и возвишена утеха во секојдневното трпење.