Пребарување

1656508796787.JPG

Папата повторно повика на непрекидна молитва за мир во Украина

Папата повторно повика на непрекидна молитва за мир во Украина По молитвата Ангел Господов на 29 јуни 2022 година, Папата се осврна на суровите напади во Украина, повторувајќи ја потребата од дијалог. Спомна и неколку пожари кои избувнаа во Рим, како и големата суша која зафати многу места. Иднината на земјата е – посочи – во наши раце. Покрај тоа, тој спомна нов месечник, весник подготвен заедно со сиромашните и маргинализираните

Украина беше првата мисла на папата Фрањо по молитвата Ангел Господов. Тој поттикна на постојана молитва за таа земја и за населението измачено од насилство. Секојдневно во срцето ја носам милата и измачената Украина, која сè уште е под варварски напади, како оној што го погоди трговскиот центар во Кременчук. Се молам оваа луда војна наскоро да заврши и повторно повикувам на постојаност во молитвата за мир, не изморувајќи се. Господ нека ги отвори патиштата на дијалог кои луѓето не сакаат или не успеваат да ги најдат! И нека не ја занемаруваат помошта за украинскиот народ кој толку многу страда – поттикна Папата.

Иднината на Земјата е во наши раце

Папата Фрањо потоа се осврна на бројните пожари што избувнаа во Рим деновиве, предизвикнаи - како што истакна - од многу високи температури, но и на сушата која - рече - е сериозен проблем што предизвикува сериозни штети на производството и на животната средина. Затоа тој повикна на освестување и преземање одговорност.

Се надевам дека ќе бидат преземени неопходните мерки за справување со овие итни проблеми и за спречување на идни вонредни ситуации. Сето ова треба да нè поттикне да размислуваме за заштита на созданието, за што сме одговорни, секој од нас; тоа не е мода, туку одговорност; иднината на Земјата е во наши раце и нашите одлуки! – истакна Папата.

Празник на заштитникот на градот Рим

Осврнувајќи се на празникот Свети Петар и Павле, главните заштитиници на Рим, тој изрази благодарност до делегацијата на Цариградската Вселенска Патријаршија, испратена од неговиот - како што рече - драг брат, Неговата Светост Вартоломеј. Ги изразувам моите најдобри желби на Римјаните и на оние што живеат во овој град, надевајќи се дека секој во него може да наиде на добредојде достоен за неговата убавина. Рим е прекрасен! – рече папата Фрањо.

Месечен весник подготвен со сиромашните и маргинализираните

Тој посебно ја посочи иницијативата на ватиканскиот дневен весник L'Osservatore Romano, истакнувајќи дека денеска на плоштадот Свети Петар на сите присутни им се дели првиот број на месечникот наречен „L'Osservatore Street“, кој вчера беше претставен во Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Во овие весници последните стануваат протагонисти; имено, сиромашните и маргинализираните луѓе учествуваат во уредувачката работа, пишуваат, даваат интервјуа, ги илустрираат страниците на тој бесплатен месечник. Ако некој сака да даде нешто, може доброволно тоа да го направи, но слободно земето го, бидејќи тоа е нешто убаво што доаѓа од темелите, од сиромашните, како израз на оние кои се маргинализирани – рече папата Фрањо.

30 јуни 2022, 12:49