Пребарување

1656241809627.jpg

Ангел Господов: Смиреноста на Исус поттикнува да се прави добро и во тешкотии

Во размислувањето пред молитвата Ангел Господов, папата Фрањо се осврна на негативниот став што се појавува кај нас кога дарувајќи се за добро, наидуваме на затворена врата или недоразбирање. Тогаш стануваме одмаздољубиви и нетолерантни. Да се следи Исус значи да се оди напред, решително, во нашата посветеност, мирно и трпеливо, не попуштајќи ни најмалку при правењето добро.

Кога ќе наидеме на затворена врата, мораме да се свртиме за да направиме добро на друго место, без обвинување. Бог на тој начин ни помага да станеме спокојни личности, среќни со постигнатото добро, кои не бараат човечко признание.

https://www.youtube.com/watch?v=xf3PSbVzR5M

Ова го истакна папата Фрањо во обраќањето пред молитвата Ангел Господов на 26 јуни 2022 година, осврнувајќи се на Евангелието на неделната Литургија, каде Исус решително е на пат за Ерусалим, каде знае дека го чека отфрлање и смрт. Христос праќа гласници пред него, а во едно попатно самарјанско село не го прифаќаат, токму затоа што оди во Ерусалим, градот на нивните противници. Огорчени, Јаков и Иван му предлагаат на Учителот да ги казни така што посакуваат „оган да слезе од небото и да ги уништи“. Но Исус го одби нивниот предлог, ги прекори и продолжи по својот пат. Поинаков е „огнот“ што Христос го внесува во светот, тоа е милостивата љубов на Отецот, нагласи Папата. За да порасне тој оган потребно е трпение и истрајност, потребен е и покајнички дух, додаде Петровиот наследник. Јаков и Иван, напротив, дозволуваат да бидат опфатени од гневот.

„Тоа ни се случува и на нас кога правиме добро, можеби и жртвувајќи се, а наместо да бидеме прифатени наоѓаме затворени врати. Па затоа и се лутиме. Притоа, се обидуваме да го вмешаме и Бог, заканувајќи се со небесни казни. Сепак Исус оди по друг пат“.

Контрола над себе

Тоа е пат кој се однесува на смиреност, трпение, долго страдање, не попуштајќи ни најмалку при правењето добро. Таквиот пат не значи слабост, туку напротив, голема внатрешна сила. Затоа што е лесно да се дозволи гневот да нѐ обземе кога ни се спротивставуваат, инстинктивно, рече Папата. Меѓутоа, она што е тешко е самоконтролата, постапување како Исус кој, според Евангелието, заминува во друго село.

Да се следи Исус во служењето

Ставот на Исус е почетна точка за прашањата на Папата: А ние, соочени со противењата, недоразбирањата, се обраќаме ли кон Господ барајќи ја неговата постојаност при правењето добро? Или претпочитаме да бараме потврда со аплауз, а на крајот стануваме огорчени кога нема да го слушнеме?

„Понекогаш мислиме дека нашата ревност е резултат на чувството за правда за добра цел. Но, во реалноста, најчесто тоа не е ништо друго освен гордост, заедно со слабост, чувствителност и нетрпеливост. Затоа, да побараме од Исус сила да бидеме како него, да го следиме со цврста решеност на тој пат на служење. Да не бидеме осветољубиви, да не бидеме нетолерантни кога ќе се појават тешкотии, кога се даруваме за доброто, а другите тоа не го разбираат, всушност, кога нè исклучуваат. Не, продолжи тивко“.

27 јуни 2022, 08:55