Потполн опрост за Светскиот ден на бабите и дедовците
Прифаќајќи ја молбата на кардиналот Кевин Џозеф Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, Апостолската покорничарница издаде декрет на 30 мај 2022 година во кој се наведува дека на Вториот светски ден на баби и дедовци ќе биде можно да се добие потполн опрост според вообичаените услови (Света тајна исповед, света Причест и молитва по накана на Папата). Вториот светски ден на бабите и дедовците ќе го предводи папата Фрањо во базиликата Свети Петар, а ќе се одбележува и на други места низ целиот свет. Потполн опрост може да се моли и за душите во чистилиштето.
Потполн опрост, се вели во соопштението, може да добијат и оние кои посебно време ќе посветат за посета на постарите браќа и сестти кои имаат потреба или тешкотии (како што се болни, напуштени и лица со инвалидитет) – во живо или виртуелно, преку медиумите.
Понатаму, потполн опрост може да добијат болните стари лица, како и сите оние кои поради сериозни причини се спречени да излезат од дома и кои духовно ќе се приклучат на светите славења на Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица, принесувајќи ги своите молитвите, сопствените болки и страдања до милосрдниот Бог, посебно додека се пренесуваат зборовите на Папата и другите славења преку медиумите.
Декретот завршува со молба свештениците, подготвени и со великодушен дух да бидат на располагање за Светата тајна исповед.