Пребарување

Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 2 јануари 2022 година Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 2 јануари 2022 година 

Ангел Господов: Бидете отворени за Бога кој сака да се всели меѓу нас

Папата во својот говор пред молитвата Ангел Господов на 2 јануари 2022 година ги поттикна верниците да стапат во близок однос со Господ, кој од Слово стана Тело; да застанеме пред јаслите и да му зборуваме за нашите конкретни настани

Да дозволиме Исус и Евангелието да дојдат меѓу нас; нека Божиќ ни помогне официјално да го поканиме Господ во нашите животи, во нашите слабости и мрачни подрачја. Тргнувајќи од реченицата од Евангелието на денешната литургија: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас“, папата Фрањо денеска, во првата недела од новата година, зборуваше за односот меѓу Словото и телото, за светлината и темнината. Кои ги нагласува Евангелието.

Исус е светлината Божја која влезе во темнината на светот. Бог е светлина; во Него нема непровидност; во нас пак има многу темнина. Со Исус се сретнуваат светлината и темнината: светоста и вината, благодатта и гревот. Исус, воплотението на Исус, е токму местото на средбата меѓу Бог и човекот, средба на благодатта и гревот – рече Папата и објасни: Така Евангелието ни го покажува Божјиот начин на дејствување.

Господ не се повлекува поради нашата слабост. Тој не останува во својата блажена вечност и во својата бескрајна светлина, туку се приближува, станува тело, слегува во темнината, престојува во области кои му се туѓи – рече Папата. Тоа го прави затоа што не се помирува со фактот дека можеме да се изгубиме заминувајќи далеку од него, далеку од вечноста, далеку од светлината. Тоа е Божјото дело: да дојде меѓу нас.

Ако се чувствуваме недостојни, тоа нема да го спречи Бог да не дојде Тој доаѓа. Ако го одбиеме, нема да се измори да не бара. Ако не сме подготвени и не сакаме да Го прифатиме, Тој сепак сака да дојде. Ако му ја затвориме вратата, Тој чека – рече Папата и додаде: Тој е Добриот Пастир. Ова е најубавата слика за Добриот Пастир. Словото кое стана тело за да го сподели со нас нашиот живот. Исус е Добриот Пастир кој доаѓа да не бара таму каде што сме: во нашите проблеми, во нашата беда. Таму Тој доаѓа.

Честопати се оддалечуваме од Бога затоа што се чувствуваме недостојни. Но Божиќ нè повикува да гледаме на работите од гледна точка на Господ кој сака да се воплоти. Ако твоето срце изгледа премногу извалкано со зло, неуредно, не се затворај, не плаши се. Помисли на витлеемската штала. Исус е роден таму, во тоа сиромаштво, за да ти покаже дека сигурно не се плаши да го посети твоето срце, да престојува во твојот запуштен живот. Ќе се всели. Тој збор се користи во евангелието што го слушнавме денес; изразува целосно споделување, голема интимност. Тоа е она што Бог го сака; сака да престојува со нас, сака да се всели во нас – истакна Папата.

Затоа, ги поттикна верниците да направат место за Господ да влезе во нивните животи, со зборови и конкретно, но исто така и во оние аспекти од животот што ги држиме за себе, оние внатрешни места за кои се плашиме дека ќе влезе Евангелието, каде што не сакаме да го пуштиме Бог. Денес ве повикувам на конкретност – рече Папата. Кои се тие внатрешните работи за кои верувам дека не му се угодни на Бог? Каков е тој простор што го чувам за себе и не сакам да дојде Бог?

Секој од нас нека биде конкретен и нека одговори – поттикна Папата и рече: Секој има свој грев; да го именуваме. Но Тој не се плаши од нашите гревови; дојде да не оздрави. Барем да му го покажеме гревот, да го види. Да бидеме храбри и да кажеме: „Господи, јас сум во таква ситуација, но не сакам да се променам. Но ти, те молам, не оддалечувај се премногу!“ – рече Папата и додаде: Ова е прекрасна молитва.

Во овие Божиќни денови ќе биде добро да го прифатиме Господ, токму застанувајќи пред јаслите кои го прикажуваат Исус како доаѓа да се всели во нашиот конкретен, секојдневен живот, каде што не сè е во ред, каде што има многу проблеми: од пастирите кои работат тешко, Ирод кој им се заканува на невините, до големото сиромаштво. И среде сето ова, среде многу, исто така, наши проблеми, доаѓа Бог кој сака да живее со нас. И тој чека да му ги покажеме нашите ситуации, она што го живееме.

Затоа, пред јаслите, да му зборуваме на Исус за нашите конкретни настани. Да го поканиме официјално во нашите животи, особено во темните простори. (...) Да му зборуваме јасно, конкретно, во темните подрачја, нашите „внатрешни штали“… сите ги имаме. И да му зборуваме без страв и за општествените, и за црковните проблеми на нашето време, и за личните проблеми, дури и за најлошите; зашто Бог сака да престојува меѓу нас – истакна Папата и упати молитва до Богородица да ни помогне да негуваме поголема близина со Господ.

По молитвата Ангел Господов Папата ги поздрави верниците собрани на плоштадот Свети Петар и повторно во првата недела од годината на сите им посака мир и добро во Господа. Во радосните и тажните моменти да се довериме во Оној кој е наша сила и надеж. Да го поканиме Господ да влезе во нас, да дојде во нашата реалност. Нека е и грда, како штала... Но, да кажеме: „Дојди, Господи, не би сакал да влезеш, туку погледни ја. Биди близу“, поттикна на крајот папата Фрањо.

05 јануари 2022, 09:09

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >