Пребарување

Папата Фрањо со надбискупот Кавали Папата Фрањо со надбискупот Кавали 

Надбискупот Алдо Кавали е именуван за апостолски визитатор на Меѓугорје

Папата Фрањо го именува актуелниот нунциј во Холандија, 75. годишниот надбискуп Алдо Кавали, за апостолски визитатор со посебна улога на парохијата Меѓугорје.

Надбискупот Алдо Кавали го наследува монсињор Хенрик Хосер, кој почина во август на 78. годишна возраст. Монсињор Кавали е актуелен апостолски нунциј во Холандија и постојан претставник на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Надбискупот Кавали е роден во Леко, Италија, на 18 октомври 1946 година. За свештеник е ракоположен на 18 март 1971 година во Бергамо. По завршувањето на студиите на Папската црковна академија, од 1979 година, е во дипломатската служба на Светиот Престол. Папата Иван Павле II во 1996 година, го именува за титуларен надбискуп на бискупијата Вибо Валентија. За епископ е хиротонисан на 26 август 1997 година во катедралата во Бергамо и е именуван за апостолски делегат во Ангола и апостолски нунциј во Сао Томе и Принципе. Откако делегацијата во Ангола е издигната во ранг на апостолска нунцитура, монсињор Кавали служи како апостолски нунциј во таа земја. Ги водел и нунцијатурите во Чиле (2001); Колумбија (2007); Либија и Малта (2013) Од март 2015 година, ја извршува службата апостолски нунциј во Холандија.

Службата апостолски визитатор има исклучиво пасторален карактер, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Прерстол по именувањето на монс. Хосер во 2018 година. Станува збор за служба на стабилна и континуирана придружба на парохиската заедница во Меѓугорје и бројните верници кои доаѓаат на поклонение и чии потреби, како што наведуваат од Канцеларијата, бараат посебно внимание.

Покојниот апостолски визитатор монсињор Хосер за Меѓугорје рече дека поклоници од целиот свет доаѓаат за да се сретнат со Христос и неговата мајка. Маријанскиот пат е најбезбеден затоа што води до Исус. Во Меѓугорје, на верниците им се нуди света Литургија, обожавање на Пресветата Тајна и можност за светата Тајна Исповед. Навистина станува збор за христоцентрична побожност, истакна во една прилика монсињор Хосер.

Мостарско-дувањскиот бискуп и апостолскиот администратор на Требиње и Мркањ, Петар Палиќ, по повод именувањето на монсињор Кавали рече дека желбата на папата Фрањо е Светиот Престол да продолжи да посветува посебно пасторално внимание на Меѓугорје. Тој му посака добредојде на новиот апостолски визитатор и се надева на добра и конструктивна соработка.

По повод именувањето на монсињор Кавали за апостолски визитатор во Меѓугорје, тамошниот парох фра Маринко Шакота изјави: „Благодарни сме на Бога за монсињор Хенрик Хосер што беше со нас и што направи толку многу за Меѓугорје, веруваме дека монсињор Кавали ќе продолжи по неговиот пат. Драго ни е за оваа вест. Му благодариме на папата Фрањо, што ни го испрати надбискупот Кавалили како апостолски визитатор со посебна улога за парохијата Меѓугорје“.

29 ноември 2021, 09:27