Папата се сретна со словачките бискупи, свештеници, монашки заедници и богослови

Прво и основно, потребна ни е Црква која заедно ќе оди, ќе оди низ животот со запален факел на Евангелието, рече Папата на 13 септември 2021 година, за време на средбата со словачките бискупи, свештеници, монашки заедници и богослови.

Обраќајќи им се на бискупите, свештениците, посветените лица и богословите во катедралната црква Свети Мартин во Братислава папата Фрањо потсети дека Црквата мора да ја преземе од Христа радоста за Евангелието, да биде квасец за Царството Божјо и мир во светот. Тој посака Црквата да не сонува за световна величина и моќ, туку да биде понизна, како Исус, кој „осиромаши за да нѐ збогати“ и „да го излечи нашето рането човештво“.

Според папата Фрањо, Црквата не треба да се оддалечува од реалниот живот на луѓето, туку треба да „живее со нив“, да не се грижи за сопствените структури и сопствената слика, туку за потребите и духовните очекувања на луѓето.

Меѓу овие очекувања, Папата пред сѐ ја спомена слободата без која не може да постои вистинска човечност. За слободата мора постојано да се бори, бара одговорност и отвореност кон новото. „Во духовниот и црковниот живот постои искушение да бараме лажен мир што нѐ остава безгрижни, а да не се  бара пламенот на Евангелието што нѐ загрижува и преобразува“, рече Папата, нагласувајќи дека без слобода Црквата може да се скамени и затвори, барајќи слепа послушност од млади луѓе.

Светиот Отец ги повика свештениците да не се „плашат да ги учат луѓето на стабилен и слободен однос со Бога“, бидејќи Црквата не „сака да владее со совеста на луѓето и да го заземе нивното место, туку да биде „извор на надеж во нивните животи“. „Евангелската порака е ослободителна, а не угнетувачка. А Црквата мора да биде знак на слобода и гостопримство!“, додаде Петровиот наследник.

Папата го повика свештенството да биде креативно, по примерот на светите Кирил и Методиј, „кои нѐ учат дека евангелизацијата никогаш не е повторување на минатото“. „Радоста на Евангелието е секогаш Христос, но начините на кои оваа радосна вест може да се пренесе во времето и историјата се различни“, рече Папата, повикувајќи ги луѓето да не се плашат од тешкотии, пречки и прогонство на кои што наидоа и „словенските апостоли“.

Светиот Отец, исто така, ја истакна потребата Црквата да биде отворена за дијалог со светот и културата. Ние мора да бидеме „заедница која со навестување на Евангелието на љубовта помага да се роди единството, пријателството, дијалогот меѓу верниците, помеѓу различните христијански деноминации и меѓу народите“, повика Папата.

14 септември 2021, 15:44