Папата Фрањо со младите во Словачка Папата Фрањо со младите во Словачка 

Папата до младите во Словачка: Бидете бестрашни во сонувањето

На третиот ден од пасторалната посета на Словачка во вторникот на 14 септември, папата Фрањо се сретна со младите од Словачка на стадионот Локомотива во Кошице.

Тoа беше последната средба на папата Фрањо во Кошице и тоа на градскиот стадион Локомотива, каде Ана Колесарова е прогласена за блажена во 2018 година. Папата средбата ја започна одговарајќи на три прашања кои му ги поставија некои од присутните млади. „Би сакал да се обидам да ви понудам вам некои одговори“, рече Папата. Одговарајќи на прашањето на Петaр и Зузке за љубовта помеѓу двајца луѓе, Папата рече дека „како сите големи работи во животот, љубовта е величествена, но не е едноставна.“ „Таа е нашиот наголем сон“, додаде иако „не е лесно да се објасни.“

Исправен пристап е рече Светиот Отец да гледаш на љубовта со „нови очи“, очи кои не се преокупирани со изгледот и кои не ја банализираат љубовта. „Љубовта не е само емоција или чувство... љубовта е верност, дар и одговорност,“ рече Папата. „Не сме овде само за да преживуваме, туку за да направиме нешто од својот живот,“ рече Папата и ги повика младите да бидат „бестрашни херои во сонувањето“. „Ве молам не дозволувајте животот да ви помине,“ додаде Папата.

Потоа Папата им рече на младите дека сака да им даде уште еден совет. „За вашата љубов да биде плодна, не ги заборавајте своите корени“, рече Светиот Отец. „Денес постои опасност од растење без корени затоа што сметаме дека секогаш мора да бидеме во движење, да направиме сѐ во брзање.“ Наместо тоа, секогаш мора да бидеме отворени едни кон други. „Денес постојат толку уништувачки сили, толку луѓе кои се подготвени да обвинат сѐ и секој, ширители на негативноста, професинални жалители“, рече Папата. „Не обраќајте внимание на нив затоа што песимизмот и приговарањето не е христијанско.“

Потоа одговарајќи на прашањето на Перин за тоа како младите можат да ги совладаат пречките на патот до милосрдието, Папата рече дека и тоа „прашање е тоа како ние ги гледаме работите и гледаме на она што навистина е важно.“ „Кога би ве прашале за што размислувате кога одите на исповед“, рече Папата, „сосема сум сигурен дека вашиот одговор би бил – за нашите гревови.“ Но, гревовите не се центарот на Исповедта, рече Папата.

Нашиот Отец оној кој сѐ простува е во центарот. „Не одиме на исповед за да бидеме казнети и понижени, туку одиме како деца кои трчат кон прегратката на Отецот полна со љубов“, рече Папата. „Ќе ви дадам мал совет“, рече Папата: „по секоја исповед седете мирно неколку моменти за да се сетите на простувањата кои сте ги примиле.“

На крајот Папата се обрати на Петар и Ленка кои прашаа како младите да се поттикнат да не се плашат да го прегрнат крстот. „Прегратката ни помага да го надминеме стравот“, рече Папата. Било кога некој да не прегрне повторно стекнуваме доверба во себе и во животот. Затоа да дозволиме Исус да нѐ прегрнува. Кога ќе го прегрнеме крстот со Исус, тоа ни ја донесува Неговата радост“, рече Светиот Отец, нагласувајќи дека таа иста радост ја сака секоја млада личност.

15 септември 2021, 09:08