Пребарување

Vatican News

Во Братислава Папата го посети центарот „Витлеем“

Со посета на заедницата на духовните ќерки на Света Мајка Тереза од Калкута и оние на кои тие им помагаат, папата Фрањо ја започна следната фаза од својот престој во главниот град на Словачка.

Втората половина од вториот ден од Апостолското патување на папата Фрањо во Словачка започна со приватна посета на оние кои тој ги нарече помошници при приближувањето кон Господ. По ручекот и краткиот одмор во Апостолската нунцијатура во Братислава, Светиот Отец замина во центарот „Витлеем“, каде што Конгрегацијата на мисионерите на милосрдието, основана од Света Мајка Тереза од Калкута, служи повеќе од дваесет години.

Сместен во поранешна градинка, центарот дава помош на бездомниците, сиромашните и болните. На првиот кат може да се добие топла храна, преноќиште и бања, на вториот кат има просторија за долгорочен престој на тешко болните и капела. Благодарение на великодушноста на донаторите, монахињите обезбедуваат помош, облека и основни намирници за оние што живеат на улица и тропаат на нивните врати.

Во дворот на Светиот Отец го поздравија детски и младински хор и оркестар, како и оние кои добиваат помош во центарот. Папата Фрањо им се обрати со неколку охрабрувачки зборови, заблагодарувајќи им се на монахињите за служењето, а на присутните за топлото добредојде. После тоа, придружуван од сестрите, ги разгледа просториите и разговараше со корисниците. Средбата заврши со заедничка молитва кон Пресвета Богородица и благослов.

14 септември 2021, 15:46