Една година по експлозијата во Бејрут: Либан има потреба од конкретна помош
Една година по страшната експлозија во пристаништето во Бејрут, главниот град на Либан, која предизвика смрт и уништување, мислам на оваа драга земја, особено на жртвите, нивните семејства, многуте повредени и оние што ги загубија своите домови и работни места, рече Папата Фрањо на Генералната аудиенција.
Во експлозија во пристаништето пред точно една година загинаа повеќе од 200 луѓе, а беа повредени повеќе од 6.000. Повеќе од 300.000 луѓе беа раселени откако беа уништени цели населби.
Папата, исто така, потсети на Денот на молитвата за Либан на 1 јули, кога во заедништво со христијанските верски водачи, ги слушна желбите и очекувањата на либанскиот народ, уморен и разочаран, молејќи од Бог светло на надеж како би се надминала оваа тешка криза.
Денес, исто така, ја повикувам меѓународната заедница да обезбеди конкретна помош за Либан, не само со зборови, туку и со дела, рече Светиот Отец. Се надевам дека во таа смисла ќе биде од корист конференцијата што се одржува во моментов, подготвена од Франција и Обединетите нации – истакна Петровиот наследник.
На крајот Папата изрази желба да го посети Либан. Драги Либанци, имам голема желба да дојдам да ве посетам и нема да се уморам да се молам за вас и на тој начин Либан уште еднаш да биде порака за братство, порака за мир за целиот Блиски Исток – рече Папата.