1625044587767.JPG

Генерална аудиенција: Бог ги менува нашите животи за да нè научи да го навестуваме Евангелието

Во втората катехеза посветена на Посланието до Галатјаните, одржана на Генералната аудиенција во среда 30 јуни 2021 година, Папата зборуваше за животот на Свети Павле и потсети дека Господ ја сочинува нашата историја и ако го прифатиме неговиот план за спасение, неговата благодат ги менува срцата, ги менува животите, ни покажува нови паишта. Катехезата на Светиот Отец ја прнесуваме во целост.

Браќа и сестри, добар ден!

Полека влегуваме во содржината на посланието до Галатјаните. Видовме дека меѓу христијаните избиваат спорови околу тоа како да се живее верата. На почетокот на своето послание, апостол Павле потсетува на претходните односи, пишува колку му е тешко да биде далеку и ја нагласува непроменетата љубов што ја има кон секој од нив. Меѓутоа не пропушта да ја истакне својата загриженост дека Галатјаните одат по вистинскиот пат: тоа е грижа на таткото во верата на овие заедници. Неговата намера е многу јасна: потребно е одново да се потврдува новоста на евангелието, кое им го проповедаше на Галатјаните, за да се изгради вистински идентитет врз кој ќе се заснова сопствениот живот. И ова е принципот: секогаш одново да се потврдува новоста на евангелието, евангелието кое Галатјаните го примија од Апостолот.

Веднаш откриваме дека Павле е длабок познавач на Христовите таинства. Од почетокот на своето послание, тој не ги користи аргументите што ги користат неговите клеветници. Апостолот „се издигнува високо“ над ова и исто така ни покажува како да се однесуваме кога ќе избијат конфликти во заедницата. Дури кон крајот на посланието, имено, е јасно дека сржта на полемиката е обрежувањето, односно главниот еврејски обичај. Павле избира пат што води подлабоко, бидејќи тоа е вистината на евангелието и слободата на христијаните, што е нивен составен дел. Не застанува на површината на проблемите, конфликтите, како што честопати сме во искушение да направиме со цел веднаш да најдеме решение што дава лажно чувство дека е постигнат компромис со кој сите се согласуваат. Павле го сака Исус и знае дека Исус не е Бог и човек на компромис. Така не може да се однесува со евангелието и Апостолот одлучи да го следи најтешкиот пат. Во него се вели: „Во луѓето ли сега барам благоволение, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга“(Галатјаните 1,10).

Павле, пред сè, се чувствува должен да ги потсети Галатјаните дека тој е вистински апостол не по своја заслуга, туку по Божјиот повик. Тој самиот го раскажува својот повик и преобраќање, што се совпаѓа со објавата на Воскреснатиот Христос на патот кон Дамаск (сп. Дела 9,1-9). Интересно е да се забележи што тој вели за својот живот што му претходеше на тој настан: „А сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква, и ја разорував; и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.“ (Галатјаните 1,13-14). Павле се осмелува да каже дека сите ги надминал во јудаизмот, бил вистински ревносен Евреин, „безгрешен во праведноста на законот“ (Филипјаните 3, 6). Тој дури двапати посочува дека бил бранител на „татковските преданија“ и „убеден бранител на законот“. Ова е историјата на Павле.

Тој, од една страна, инсистира да нагласи дека брутално ја прогонувал Црквата и дека бил „хулител, гонител и мачител“ (1. Тимотеј 1,13), не штеди придавки: така се квалификува самиот себе. Од друга страна, пак го нагласува Божјото милосрдие кон него, кое го доведува до длабока промена, позната на сите. Тој пишува: „На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат, туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал. (Галатјаните1, 22-23). Се преобрати, се промени, го смени срцето. Така, Павле ја изнесе на виделина вистината за неговиот повик преку зачудувачкиот контраст што се случи во неговиот живот: оној што ги прогонува христијаните за непочитување на преданието и законот, беше повикан да стане апостол за да го навести евангелието за Исус Христос. Но, гледаме дека Павле е слободен: тој е слободен да го навестува евангелието и слободно може да ги признае своите гревови. „Јас бев таков“: вистината е таа што дава слобода на срцето, тоа е Божјата слобода.

Додека се потсетува на својата историја, Павле е полн со зачуденост и благодарност. Како да сака да им каже на Галатјаните дека може да биде сѐ друго, освен апостол. Од мали нозе бил воспитуван да биде беспрокорен служител на Мојсеевиот закон и околностите го навеле да се бори против Христовите ученици. Но, се случило нешто неочекувано: Бог, со својата благодат, му го објави својот Син, умрен и воскреснат, за да го навестува меѓу иноверците (сп. Галатјнаите 1, 15-16).

Колку се неистражени патиштата Господови! Ова можеме да го сведочиме директно секој ден, но пред сè кога ќе се сетиме на моментите во кои Господ нè повика. Никогаш не смееме да го заборавиме времето и начинот на кој Бог влезе во нашите животи: да ја всадиме во нашите срца и умови онаа средба на милост, кога Бог го промени нашиот живот. Колку пати, пред големите дела на Господ, некако само од себе се поставува прашањето: како е можно Бог да користи грешник, кревка и слаба личност, за да ја изврши својата волја? Сепак, ништо не е случајно, бидејќи сè беше подготвено во Божјиот план. Тој ја исткаја нашата историја, историјата на секој од нас: Тој ја исткаја нашата историја и ако со вера одговориме на неговиот план за спасение, ќе бидеме убедени во тоа. Повикот секогаш го вклучува посланието за која сме одредено; затоа од нас се бара сериозно да се подготвиме за тоа, знаејќи дека самиот Бог нè испраќа, самиот Бог нè одржува со својата благодат.

Браќа и сестри, да дозволиме да нѐ води таа свесност: првенството на благодатта го преобразува животот и го прави вреден да се става во служба на евангелието. Првенството на благодатта ги опфаќа сите гревови, ги менува срцата, го менува животите, ни овозможува да откриеме нови патишта. Да не го заборавиме тоа!

02 јули 2021, 08:59