Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 6 јуни 2021 година Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 6 јуни 2021 година  (AFP or licensors)

Ангел Господов: Евхаристијата е леб за грешниците, а не награда

Пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар,папата Фрањо потсети дека оваа недела во Италија и во некои други земји се слави празникот на Пресветото Тело и Крв Христови и истакна дека Евхаристијата лекува затоа што Исусовата милост не се плаши од нашите слабости.

Евхаристијата е леб за грешниците, а не награда за светците - истакна папата Фрањо на 6 јуни 2021 година пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. Денес во Италија и во други земји се слави празникот на Пресветото Тело и Крв Христови - забележа Папата и потсети: Евангелието на денешната Литургија ни зборува за Тајната вечера (Марко 14,12-16, 22-26). Господовите зборови и гестови ги допираат нашите срца: „Зеде леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Примете, јадете; тоа е Моето тело

На тој начин Исус едноставно ни ја дава најголемата Света Тајна - рече Светиот Отец и забележа: Тоа е неговиот понизен гест на дарување и делење. На врвот од својот живот, тој не дели леб во изобилство за да го нахрани мноштвото, но за време на Пасхалната вечера со учениците, тој се прекршува самиот себе. На овој начин тој ни покажува дека целта на животот е дарување на себеси, дека најголемото нешто е да се служи. Денес повторно ја наоѓаме Божјата величина во парчето леб, во кревкоста од која се излева љубовта и делењето.

Кревкоста е токму зборот што сакам да го истакнам - рече папата Фрањо и продолжи: Исус станува кревок како леб што се прекршува и се разделува. Но, токму тука лежи неговата сила. Кревкоста во Евхаристијата е силата; силата на љубовта која станува мала, за да можеме да ја прифатиме и да не се плашиме од неа; силата на љубовта која се крши и разделува, како би хранела и би давала живот; силата на љубовта која се прекршува, како би нѐ собрала во единство. Уште една сила се издвојува во кревкоста на Евхаристијата; силата да ги сакаме оние кои грешат.

Во ноќта кога Исус  беше предаден, ни го дава Лебот на животот - рече Папата и додаде: Тој ни го дава најголемиот дар, додека во срцето ја чувствува најдлабоката бездна; ученикот што јаде со него го издава. Предавството е најголемата тага за оној што љуби. Што прави Исус? На злото реагира со поголемо добро. На Јудиното „не“ одговара со неговото милостиво „да“. Тој не го казнува грешникот, туку својот живот го дава за него. Кога ја примаме Евхаристијата, Исус го прави истото со нас; нè познава, знае дека сме грешници и дека многу грешиме, но не се откажува да го соединува својот живот со нашиот. Тој знае дека ни е потребна Евхаристијата, бидејќи тоа не е награда за светците, туку Леб за грешниците. Затоа нè охрабрува: „Земете и јадете“.

Секојпат кога го примаме Лебот на животот, Исус доаѓа да даде нова смисла на нашите слабости - рече Светиот Отец и објасни: Тој нè потсетува дека во неговите очи сме поскапоцени отколку што мислиме. Ни вели дека е среќен ако ги споделиме своите слабости со него. Ни повторува дека неговото милосрдие не се плаши од нашата беда. Со неговата љубов тој лично нè лекува од нашите слабости кои не можеме да ги лекуваме сами. Од кои слабости? Нѐ лекува од чувство на огорченост кон оние што нè повредиле; од оддалечувањето од другите и изолирањето; од плачење над себе и приговорот дека не наоѓаме мир. Не можеме сами да се излечиме од овие слабости. Исус нè лекува со своето присуство, својот Леб и Евхаристијата.

Евхаристијата е ефикасен лек против таквите затворања. Имено, Лебот на животот ја лечи крутата строгост и ја претвора во послушност. Евхаристијата лекува затоа што нè обединува со Исус; нè охрабрува да го усвоиме неговиот начин на живот, неговата способност да се прекрши и дарување на браќата, на злото да одговориме со добро. Ни дава храброст да излеземе од себе и да се поклониме со љубов пред слабостите на другите, како што Бог прави со нас. Тоа е логиката на Евхаристијата; го примаме Исус кој нè сака и ги лекува нашите слабости, како би ги сакале другите и да им помагаме во нивните слабости. Ова мора да го правиме цел живот.

Пресвета Богородица, во која Бог се воплоти, нека ни помогне со благодарни срца да го прифатиме дарот на Евхаристијата и да ги направиме нашите животи дар. Евхаристијата нека нѐ направи дар за сите луѓе - рече на крајот Папата.

07 јуни 2021, 09:50

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >