1617265142931.JPG

Папата: Навестувањето на Евангелието секогаш е поврзано со прифаќањето на крстот

Во проповедта на светата Литургија со посвета на миро која ја славеше во ватиканската базилика, Папата истакна дека часот на навестувањето на радоста и часот на прогонот „одат заедно“; за Крстот не се преговара.

Исусовиот збор има моќ да го изнесе на светло она што некој го носи во срцето, а тоа е обично мешавина како пченица и плевел – рече папата Фрањо на светата Литургија со посвета на миро, која ја служеше во базиликата Свети Петар. За време на славењето посветено е миро за Миропомазание и благословено е катехуменскиот елеј и елејот за помазание на болните.

Папата во проповедта истакна дека навестувањето на Евангелието секогаш е поврзано со прифаќање на конкретен крст. Мекото светло на Словото создава јасност во расположените срца и збунетост во оние кои тоа не се. Тоа го гледаме во Евангелието. Доброто семе посеано на полето донесува плод, но побудува исто така завист во непријателот кој ноќе рачно го сее плевелот. Нежноста на милосрдниот татко неодоливо го привлекува блудниот син да се врати дома, но побудува исто така огорченост и гнев во постариот брат. (…)

Близината на Исуса кој јаде со грешниците ги освојува срцата како на Захеј, Матеј, Самарјанката…, но побудува и чувства на презир кај оние кои се сметаат за праведници. Великодушнста на оној човек кој го испраќа својот син мислејќи дека работниците ќе го почитуваат, во нив предизвикува суровост надвор од секоја мерка – рече Папата и објасни, се наоѓаме пред таинството на злото кое доведува до убиство на праведник. Сето тоа ни покажува дека навестувањето на Радосната вест е таинствено поврзано со прогонство и со крст.

Крстот е присутен во Господовиот живот – потсети Папата, и тоа веќе уште пред неговото раѓање. Присутен е уште во немирот на Марија после навестувањето на ангелот, во несоницата на Јосиф кога се почувствувал обврзан да ја напушти својата свршеница. Присутен е во прогонот на Ирод и тешкотиите во кои се наоѓа Светото семејство. Исус веќе на Последната вечера го прифатил предавството и напуштањето на своите пријатели, прифатил незаконско апсење, кратко судење, непропорционална пресуда, беспричинска пакост од бесплатните удари и плукање… Го прифатил целиот крст. Бидејќи во крстот нема двосмисленост. Крстот не зависи од приликите. За крстот не се преговара – истакна и додаде: Има нешто во крстот што е составен дел на нашата човечка состојба, ограниченостите и слабостите.

Крстот се наоѓа во навестувањето на Евангелието, но тој е крстот кој спасува. Помирен со Исусовата крв, тој е крстот со силата на победата на Христа кој го победува злото, кој нѐ ослободува од злото. Прифаќајќи го со Исус и Он – рече Папата, ни дава да го распознаеме и да го одбиеме отровот на соблазната со кој демонот сака да нѐ отруе кога одеднаш ќе се појави некој крст во нашиот живот. Ова е време на соблазни – додаде папата Фрањо.

Ние не се соблазнуваме затоа што не се соблазнил Исус гледајќи дека неговото радосно навестување на спасението на сиромашните не одекнуваше чисто, туку среде вик и закани на оние кои не сакале да го слушнат неговото Слово. (…) И не се соблазнуваме затоа што навестувањето на Евангелието не ја добива својата делотворност од нашите уверливи зборови, туку од силата на крстот. Зависно од начинот на кој го прифаќаме крстот навестувајќи го Евангелието – со дела, а ако е потребно и со зборови, се покажуваат две работи: дека страдањата кои ни ги предизвикало евангелието не се наши, туку Христови страдања во нас (2 Кор 1,5) и да не се навестуваме себе, туку Господ Исус Христос, а ние сме слуги поради Исус (2 Кор 4,5).

Проповедта папата Фрањо ја заврши со еден личен настан од минатото, кога во мрачен момент во својот живот побарал од Господ милост да го ослободи од една мачна и тешка ситуација. Одев да ги предводам духовните вежби на чесни сестри и последниот ден како што беше обичајот се исповедуваа – рече тој. Така кога дојде една многу стара чесна сестра почувствував желба да ѝ кажам да се моли за мене. Сестро, за покора молете се за мене затоа што ми е потребна една милост. Ако Вие го замолете Господ сигурно ќе ми ја даде. Малку причека, како да се моли, а потоа ми кажа: „Господ сигурно ќе ви ја даде таа милост, но да не погрешите: ќе ви ја даде на свој божествен начин“ – раскажа папата Фрањо истакнувајќи дека Господ секогаш ни го дава она што го молиме, но тоа го прави на свој, божествен начин, а тоа е начинот кој го опфаќа крстот.

02 април 2021, 08:45