Пребарување

Видео порака на Папата: Популизмот е насочен против народот

Папата Фрањо на 15 април 2021 година испрати видео порака до учесниците на интернет-конференцијата во Лондон на тема „Политика вкоренета во народот“, залагајќи се повторно за политика што ќе служи на општото добро.

Добра политика е онаа, која служи, која на луѓето им отвора нови начини да се организираат и изразуваат. Сонувам за политика со „големи букви“, политика не само за, туку и со луѓе, вкоренета во нивните заедници и вредности, рече Папата. Тој предупреди дека за разлика од тоа, популизмите се „свесно или несвесно“ инспирирани од мотото „сè за луѓето, ништо со народот“, а тоа е политички патернализам.

Во популистичката визија за политиката, луѓето не се протагонисти на својата судбина, туку слуги на идеологијата, предупреди Папата. Ова, пак, ги лишува не само од материјална благосостојба, туку и од достоинството на дејствување. Затоа, Црквата не може да го оддели унапредувањето на социјалната правда од признавањето на човечките вредности и културата, вклучително и духовните вредности, изворот на нивното чувство за достоинство. Во христијанските заедници, овие вредности се раѓаат во средбата со Христос, кој неуморно ги бара обесхрабрените и изгубените, до границите на постоењето, за да биде „Бог со нас“.

Папата предупреди дека ниту Црквата, ниту политиката не можат да ги игнорираат сиромашните, а за Црквата, средбата со нив е исто така од витално значење. Ако одиме во најсиромашните заедници да го бараме воскреснатиот Христос, би можеле повторно да ја оживееме мисионерската ревност. Бидејќи така е настаната Црквата, на периферијата на крстот, рече Светиот Отец. Ако Црквата ги напушти сиромашните, престанува да биде Црква на Исус, постои опасност да се сведе на интелектуална или морална елита. Исто така, политиките што ги игнорираат сиромашните не можат да го промовираат општото добро, предупреди Папата.

Популизмот е политичка стратегија која го истакнува ривалството меѓу народот и елитата, а елитата, според популистичките идеолози, ги крши нивните права. Популизмот ги искористува постојните социјални стравови и се смета за симптом на криза; тоа се случува кога демократијата ослабува и граѓаните ја губат довербата во политичките институции, рече Папата.

На конференцијата, базирана на книгата „Да се вратиме на нашите соништа“ напишана од папата Фрањо со новинарот Остин Ајвери, учествуваат претставници на англикански и католички организации кои работат за социјална правда и се занимаваат со истражување на ова поле.

19 април 2021, 10:15