Пребарување

Vatican News
2021.04.14 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Црквата е дом и училиште за молитва

Црквата е дом и училиште за молитва – рече папата Фрањо во својата катехеза на Генералната аудиенција во среда 15 април 2021 година, истакнувајќи ја важноста на молитвата.

Драги браќа и сестри!

Црквата е голема молитвена школа. Многумина од нас научија да ги изговараат првите молитви на колена од родителите или бабите и дедовците. Можеби чуваме сеќавања на нашата мајка и татко кои нè научиле да молиме молитви пред спиење. Овие моменти на собраност често се такви во кои родителите слушаат од своите деца некоја интимна исповед и можат да им дадат совети вдахновени од Евангелието. Потоа, како што растат, доаѓаат и други средби со други сведоци и учители на молитва (сп. Катехизам на Католичката црква, 2686-2687). Добро е да се потсетиме на тоа.

Животот на парохијата и на секоја христијанска заедница се одвива во ритамот на литургиските времиња и заедничката молитва. Забележуваме дека дарот кои сме го примиле со едноставност во детството е големо наследство, наследство и тоа многу богато и дека искуството со молитва заслужува да се продлабочува сѐ повеќе и повеќе (сп. Исто., 2688 година). Облеката на верата не е „смалена“, расте заедно со нас; не нè задржува, расте, дури и низ моменти на криза и издигнување кон нов живот; згора на тоа, не е можно да растете без моменти на криза, бидејќи кризата помагаат да се расте: поминувањето низ кризи е неопходно за растот. Здивот на верата е молитвата: во верата растеме онолку колку што учиме да се молиме. Откако надминавме некои работи во нашите животи, сфаќаме дека без вера не би можеле да го направиме тоа и дека молитвата е наша сила. И не само личната молитва, туку и молитвата на браќата и сестрите, како и на заедницата што нè придружува и поддржува, луѓето кои нè познаваат, оние од кои бараме да се молат за нас.

Ова воедно е и причина зошто во Црквата постојано цветаат заедниците и групите посветени на молитвата. Некои христијани дури чувствуваат повик молитвата да им биде главно дело во нивниот ден. Во Црквата има манастири, самотништва, каде живеат луѓе посветени на Бога и кои често стануваат центри од кои духовноста се шири понатаму. Тоа се молитвени заедници кои шират духовност. Тоа се мали оази во кои се споделуваат моменти на интензивна молитва со другите и се гради братско заедништво од ден на ден. Тоа се витални клетки не само на телото на Црквата, туку и на самото општество. Да се потсетиме, на пример, на улогата што ја играше монаштвото во раѓањето и растот на европската цивилизација како и во другите култури. Молитвата и работата во заедницата го туркаат светот напред. Тоа е движечката сила.

Во Црквата сѐ се раѓа во молитва и сè расте благодарение на молитвата. Кога Непријателот, Злиот, сака да ја нападне Црквата, тој прво се обидува да ги исуши изворите спречувајќи ја да моли. Ова го гледаме, на пример, во одредени групи кои се договараат да започнат реформи во Црквата, промени во животот на Црквата … Ги имаме сите овие пусти организации, медиуми кои известуваат за сè… Но, молитвата не се гледа, не се моли. „Мораме да го смениме ова, мора да ја донесеме оваа прилично голема одлука. Интересен е предлогот, интересен, но само со дискусии, само со медиуми, но каде е тука молитвата? Молитвата е таа што ја отвора вратата за Светиот Дух, кој нѐ вдахновува да одиме напред. Промените во Црквата без молитва не се промени на Црквата, тие се промени на групата. И кога Непријателот – како што реков – сака да ја нападне Црквата, тој прво се обидува да ги исуши изворите спречувајќи ја да се моли и [наведува] да се дадат овие или оние предлози. Ако престане да се моли, најпрво сѐ изгледа дека може да оди понатаму како и секогаш – со некоја инерција – но наскоро Црквата сфаќа дека таа станува како празна лушпа, дека ја изгубила носечката оска, дека веќе го нема тој извор на топлина и љубов.

За светите мажи и жени, животот ниту малку не е полесен од животот на другите луѓе, згора на тоа, и тие имале проблеми со кои треба да се справат и при тоа, честопати наидувале на спротивставување. Но, нивната сила е молитвата која секогаш ја црпат од непресушниот „бунар“ на Мајката Црква. Преку молитва тие го зајакнуваат пламенот на својата вера како што тоа се прави со маслото од ламбата. И така, тие одат напред чекорејќи во верата, со надежта. Светците, кои честопати во очите на светот не вредат многу, всушност се тие кои го држат, не со парите и моќта како оружје, медиуми и комуникација и така натаму, туку со молитвата како оружје.

Во Евангелието според Лука, Исус го става драматичното прашање кое секогаш нѐ поттикнува на размислување: „Кога ќе дојде Синот Човечки, дали ќе најде вера на земјата?“ (Лука18, 8) или ќе најдат само организации, како некоја група на „верски претприемачи“ кои се добро организирани, кои прават добротворни цели, прават толку многу работи…, или ќе најдат вера? „Кога Синот Човечки ќе дојде, дали ќе најде вера на земјата?“ Ова прашање стои на крајот од параболата, кое покажува дека многу е потребно да се молиме упорно и неуморно (сп. Лука 18, 1-8).Затоа можеме да заклучиме дека светилката на верата секогаш ќе биде запалена на земјата сè додека има масло од молитва. Светилката на верата на Црквата секогаш ќе биде запалена на земјата сè додека има масло од молитва. Тоа е она што ја турка верата напред и го турка нашиот сиромашен, слаб, грешен живот, но молитвата со сигурност го турка напред. Тоа е прашањето кое ние христијаните мора да си го поставиме: дали молам? Како молам? Како папагал или пак молам со срцето? Како се молам? Дали се молам за да бидам сигурен дека сум во Црквата и се молам со Црквата или се молам според моите замисли и ги претворам во молитва? Тоа е паганска, а не христијанска молитва. Повторувам: можеме да заклучиме дека светилката на верата секогаш ќе биде запалена на земјата сè додека има масло од молитва.

И тоа е важната задача на Црквата, да моли: да моли и да учи како да се моли. Да се пренесува од генерација на генерација светилката на верата со масло на молитвата. Светилка на верата која шири светлина, која навистина сè правилно уредува, но која може да продолжи да свети само со помош на маслото од молитва. Инаку се гаси. Без светлината на таа светилка не би можеле да видиме по кој пат треба да одиме во евангелизација, па дури и не би можеле да го видиме патот на вистинската вера; не можевме да ги видиме лицата на браќата и сестрите на кои треба да им пристапиме и да им служиме; не можеме да ја осветлиме просторијата каде што се среќаваме во заедницата … Без вера сè се распаѓа и без молитва верата се гаси. Вера и молитва, заедно. Нема друг начин. Затоа Црквата, која е куќа и училиште на заедништво, исто така е и училиште на молитва и вера.

14 април 2021, 10:11