1618747723208.jpg

Царице небесна: Не пости христијанство „на далечина“

Да се биде христијанин не е учење или морален идеал, туку жива врска со Христос и браќата. На неделната молитва Царице небесна во недела 18 април 201 година, папата Фрањо зборуваше за три глаголи: гледање, допирање и јадење, кои штитат од искушението на рамнодушноста. На верниците кои дојдоа да го слушнат повторно и да го видат од прозорецот Апостолската палата, Папата им рече: „Ми недостасува плоштадот“. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри,

Во оваа Трета воскресна недела се враќаме во Ерусалим, во Салата на Последната вечера. Да дозволиме да нè водат двајца ученици од Емаус, кои со огромна воодушевеност ги слушаа зборовите кои Исус им ги упати на патот, а потоа го препознаа „при кршењето на лебот“ (Лука 24,35). Сега, во Салата за Последна вечера, Воскреснатиот Христос се појавува среде групата ученици и ги поздравува со поздравот: „Мир вам!“ (р. 36). Но, тие се преплашени и мислат дека „гледаат дух“, како што вели Евангелието (р. 37). Тогаш Исус им ги покажа раните на телото и им рече: „Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене“(р. 39). И за да ги убеди, побара да му дадат да јаде пред нивните зачудени погледи (сп. р. 41-42).

Тука има еден детал, во овој опис. Евангелието вели дека апостолите „од радост уште не веруваа“. Беа толку радосни што не можеа да поверуваат дека е вистина. Има и еден друг детал: беа зачудени, во чудење; зачудени затоа што средбата со Бога секогаш води до чудење: тоа е нешто повеќе од воодушевување, повеќе од радост, тоа е поинакво искуство. И тие беа радосни, но токму таа радост ги тера на помислата: Не, ова не може да биде вистина!… „Тоа е чудењето заради Божјата присутност. Да не ја заборавиме таа душевна состојба, која била навистина убава.

Овој евангелски текст се карактеризира со три многу конкретни глаголи кои во одредена смисла го рефлектираат нашиот личен и заеднички живот: да гледаме, да допираме и да јадеме. Ова се трите чина кои можат да дадат радост за вистинска средба со живиот Исус.

Гледајте. „Видете ги рацете Мои и нозете Мои!“, вели Исус. Да се гледа не значи само да се види, тоа е нешто повеќе од тоа, тоа исто така вклучува и сака, волја. Затоа тоа е еден од глаголите на љубовта. Мајка и татко го гледаат своето дете, вљубените се гледаат еден со друг, добар лекар внимателно го следи пациентот… Да се гледа е првиот чекор против рамнодушноста, против искушението да се сврти главата на другата страна од лицето на другиот при средбата со тешкотиите и страдањата на луѓето. Да гледам. Дали гледам, го гледам ли Исус?

Вториот глагол е да се допре. Повикувајќи ги учениците да го допрат за да се уверат дека немаат привидение пред себе – Допрете ме!- Исус им покажува на нив и на нас дека односот со него и со нашите браќа не може да биде врска „на далечина“, не постои христијанство на далечина, не постои христијанство што застанува само на погледот. Љубовта бара поглед, но воедно бара и близина, бара допир, заеднички живот. Добриот Самарјанин не го погледна само човекот што го најде полумртов покрај патот: застана, се наведна, ги виде раните, го седна на добитокот и го однесе во гостилница. Истото важи и за нашиот однос со Исус: да го љубиме значи да влеземе во едно заедништво на живот, во заедништво со него.

И така, доаѓаме до третиот глагол – да јадеме, кој добро ја изразува нашата човечност во нејзината најприродна потреба, односно во основната потреба да се храниме за да преживееме. Но, јадењето, кога тоа го правиме заедно, во семејство или со пријатели, исто така станува израз на љубов, израз на заедништво, на славење … Колку пати во евангелијата Исус е прикажан како јаде заедно со другите на трпезата! И како Воскреснат, со неговите ученици. Така евхаристиската гозба стана препознатлива одлика на христијанската заедница. Заедничкото јадење на Телото Христово е центарот на христијанскиот живот

Браќа и сестри, овој евангелски текст ни кажува дека Исус не е некој „дух“ туку жива Личност, дека Исус, кога ќе ни се приближи нè исполнува со радост, толкава радост што е тешко да поверуваме во неа, остануваме во чудење, опфатени со такво чудење, кое може да го даде само Божјата присутност, зашто Исус е жива Личност. Да се биде христијанин не е некое учење или духовен идеал, тоа е жива врска со него, со Воскреснатиот Господ: го гледаме, го допираме, се храниме со него и преобразени од неговата љубов, гледаме, допираме и ги храниме другите како браќа и сестри. Дева Марија нека ни помогне да го доживееме ова благодатно искуство.

19 април 2021, 09:56

Што е Царице небесна?

Антифонот Царице небеска (Regina Caeli) е еден од четирите маријански антифони (другите се Alma Redemptoris Mater, Ave Regina Coelorum и Salve Regina).

Папата Бенедикт XIV, во 1742 година, ја пропиша офаа молитва да се моли наместо Ангел Господов, како знак за победа над смртта, за време на Воскресното време, односно од неделата на Воскресение до денот на Педесетницата.

Како и Ангел Господов, и оваа молитва се моли трипати на ден: наутро, напладне и на зајдисонце, и на тој начин денот го посветуваме на Бог и на Марија.

Овој многу стар антифон датира, според една побожна традиција, од VI или X век, додека нејзиното распространување е документирано во XIII век, кога станува дел од Фрањевскиот часослов. Молитвата се состои од четири кратки стихови од кои секој завршува со Алилуја, и истата претставува молитва што верниците ја упатуваат до Марија, небесната Царица, и така заедно со неа се радуваме за Воскресението.

Папата Фрањо, на 6 април 2015 година, токму за време на молитвата Царице небесна на вториот ден од Велигден, даде совет за тоа каква треба да биде состојбата на срцето кога се моли оваа молитва:

„ ...Се обраќаме кон Марија поканувајќи ја да се зарадува, бидејќи Оној што го носеше во утробата воскресна како што вети и така се доверуваме на нејзиното застапништво. Всушност, нашата радост претставува еден отсјај на радоста на Марија, бидејќи Таа е онаа што ги зачувала и ги чува со вера настаните на Исус. Значи, ја молиме оваа молитва со чувство на деца кои се среќни, бидејќи нивната Мајка е среќна“.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >