Пребарување

Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 24 март 2021 година Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 24 март 2021 година 

Генерална аудиенција: Богородица е близу до оние кои умираат сами во пандемијата

Продолжувајќи ја серијата катехези за молитвата, папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 24 март 2021 година зборуваше за молитвата во заедница со Исусовата мајка, која Тој ни ја довери „како мајка, не како божица, ниту како сооткупителка“.Нејзиното однесување е „жива катехеза“ за секој христијанин. Катехезата на Светиот Отец ја пренеусваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денешната катехеза е посветена на молитвата во заедништво со Марија и се одвива непосредно пред празникот Благовештение. Знаеме дека главниот пат на христијанската молитва е Исусовото човештво. Имено, довербата типична за христијанската молитва би била бесмислена доколку Словото не се воплотеше, давајќи ни го неговиот синовски однос со Отецот во Духот. Во читањето, слушнавме за оној молитвен собир на учениците, побожните жени и Марија по Исусовото вознесение: тоа беше првата христијанска заедница, која го очекуваше Исусовиот дар, Исусовото ветување.

Христос е Посредник, мост, кој го минуваме за да му се обратиме на Отецот (сп. Катехизам на Католичката црква, 2674). Тој е единствениот Откупител: нема сооткупител со Христа. Тој е Посредник во вистинска смисла на зборот, тој е Посредник. Секоја молитва што ја вознесуваме на Бога е преку Христос, со Христа и во Христа и е услишана благодарејќи на неговото застапништво. Светиот Дух го протега Христовото застапништво на секое време и место: нема друго име со кое можеме да се спасиме (сп. Дела 4,12). Исус Христос: единствениот Посредник меѓу Бог и луѓето.

Од единственото посредување на Христа, добива смисла и вредност втората карактеристика која христијанинот ја наоѓа за својата молитва и побожност, пред сè кон Дева Марија, Исусовата Мајка.

Таа зазема привилегирано место во животот, а со тоа и во христијанската молитва, бидејќи е Исусова Мајка. Во Источните Цркви таа често е прикажана како Одигитрија (Ὁδηγήτρια), онаа, која „го покажува патот“, односно Синот, Исус Христос. Се потсетувам на онаа прекрасна и едноставна древна икона на Одигитрија во катедралата во Бари: Богородица покажувајќи го Исус гол. Подоцна го покриле со наметка за да се покрие таа голотија, но вистина е дека Исус бил прикажан гол, за да покаже дека Тој, човек роден од Марија е Посредник. А таа покажува на Посредникот: таа е Одигитрија. Во христијанската иконографија е присутна насекаде, понекогаш многу нагласена, но секогаш во однос на Синот и во неговата служба. Нејзините раце, очите, држењето на телото е жив „катехизам“ и секогаш покажуваат кон центарот, сржта, а тоа е Исус. Марија е потполно свртена кон него (сп. ККЦ 2674). До таа мера што можеме да кажеме дека таа повеќе е ученичка отколку Мајка. Да се потсетиме на знакот што Марија го даде на свадбата во Кана кога рече: „Сè што ќе ви рече, направете!” Секогаш покажува на Христос, таа е негова прва ученичка.

Тоа е улогата која Марија ја има во текот на целиот свој земен живот и која трајно ја задржа: да биде понизна слугинка Господова, ништо повеќе. Во одреден момент, во Евангелијата, изгледа скоро како да исчезна, но се враќа во пресудните моменти, како во Кана, кога Синот, благодарение на нејзината внимателна интервенција, го направи првиот „знак“ (сп. Иван 2, 1-12), а потоа на Голгота, во подножјето на крстот.

Исус го прошири мајчинството на Марија на целата Црква кога и го довери саканиот ученик, непосредно пред неговата смрт на крстот. Од тој час, сите сме ставени под нејзиниот покров, како што може да се види во одредени средновековни фрески или икони. И првиот латински антифон - Sub tuum praesidium confugimus, sancta Dei Genitrix- зборува за Марија, под чиј покров се засолнуваме, како кај Мајка на која Исус нѐ довери сите нас; но како на Мајка, не на божица, не како сооткупителка: како Мајка. Вистина е дека христијанската побожност секогаш и дава убави титули, како што детето прави на својата мајка: колку убави работи детето ѝ кажува на саканата мајка! Но, да бидеме внимателни: убавите работи што Црквата и светителите ги кажуваат за Марија не лишуваат ништо од единственоста на Христовата откупителна улога. Тој е единствениот Откупител. Ова се изрази на синовска љубов слични на оние што детето и ги кажува на својата мајка, понекогаш претерани, но знаеме дека заради љубов секогаш претеруваме, но со љубов.

И, така започнавме да и се обраќаме во молитва со изразите што ги наоѓаме во евангелијата: „благодатна“, „благословена си меѓу жените“ (сп. ККЦ, 2676). Во молитвата ‘Радувај се Маријо’ наскоро беше додаден насловот TheotokosБогородица“, кој беше одобрен на Соборот во Ефес. И, слично на она што се случува во ‘Оче наш’ по пофалбата додаваме прозби: ја молиме Мајката да се моли за нас грешниците, да нѐ застапува со нејзината нежност, „сега и во смртниот ни час.“ Сега, во конкретни животни ситуации, и во последниот час, да нѐ придружува на преминот во вечниот живот, како Мајка и прва Ученичка.

Марија секогаш е покрај постелата на своите деца кои заминуваат од овој свет. Ако некој се чувствува сам и напуштен, таа е Мајка, таа е таму, блиска, како што беше со својот Син кога сите го напуштија.

Марија исто така е присутна и во деновите на пандемијата, блиска до луѓето кои за жал го завршија својот земен пат во состојба на изолација, без поддршка и блискост од нивните најблиски. Марија е секогаш тука, со нас, со нејзината мајчинска нежност.

Молитвите упатени до неа не се залудни. Жената на она „да“, која спремно го прифаќа повикот на ангелот, одговара и на нашите прозби, ги слуша нашите поплаки, дури и оние кои остануваат затворени во срцето, кои немаат сила да излезат и кои Бог ги знае подобро од нас самите. Ги слуша како Мајка. И повеќе од секоја добра мајка, Марија нè брани во опасностите, се грижи за нас и кога сме преокупирани со нашите грижи и кога отстапуваме од вистинскиот пат и го загрозуваме не само нашето здравје, туку и спасението. Марија е таму, се моли за нас, се моли за оние кои не се молат. Моли со нас. Зошто? Затоа што Таа е наша Мајка.

25 март 2021, 09:24

Последни Ауденции

Прочитајте сé >