Недела на Божјото Слово во Ватикан
Надбискупот Физикела ја прочита проповедта подготвена од Светиот Отец. Во проповедта Папата ги повика верниците да не се откажуваат од Словото Божјо. Тоа е, како што истакна, љубовно писмо што ни го напиша Оној што нè познава најдобро, како никој друг. Читајќи го, повторно го слушаме неговиот глас, го гледаме неговото лице, го примаме неговиот Дух – објаснува Светиот Отец. Словото нè приближува до Бога, да не го оставаме далеку. Ние го носиме со нас, во џеб, на телефон; да му дадеме достојно место во нашите домови.
Да го ставиме евангелието на место каде што ќе се потсетуваме дека треба да го отвораме секој ден, можеби на почетокот и на крајот на денот. На тој начин, меѓу многуте зборови што допираат до нашите уши, некој стих од Словото Божјо ќе допре до срцето. За да го направиме ова, да молиме за сила од Господ за да го исклучи телевизорот и да ја отвори Библијата; да го исклучиме мобилниот телефон и да го отвориме Евангелието. Во оваа литургиска година го читаме Евангелието според Марко, кое е наједноставно и најкратко. Зошто да не го прочитаме сами, по еден краток пасус секој ден? Тоа ќе ни помогне да се чувствуваме блиски со Господа и ќе ни даде храброст на патот на животот – порачува папата Фрањо.