Vatican News
Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 20 јануари 2021 година Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 20 јануари 2021 година  (Vatican Media)

Генерална аудиенција: Да се молиме единството да надвладее над конфликтите

На Генералната аудиенција во среда 20 јануари 2021 година, која Светиот Отец ја одржува од библиотеката на Апостолската палата, ја посвети својата катехеза на Молитвената осмина за единство на христијаните, која ќе заврши на 25 јануари. „ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во оваа катехеза ќе зборувам за молитвата за единство на христијаните. Имено, неделата од 18 до 25 јануари е посветена на посебен начин за тоа, молитва до Бога за дарот на единството како би се надминала соблазната со поделбите меѓу оние кои веруваат во Христа. Тој, после Последната вечера, се молеше за своите „сите да бидат едно“ (Иван 17,21). Тоа е неговата молитва пред страдањето, би можеле да кажеме неговиот духовен завет. Забележуваме, сепак, дека Господ не им наложи на учениците единство. Ниту, пак, им одржа говор за да им каже колку многу тоа е потребно. Не, тој се молеше на Отецот за нас да бидеме едно. Ова значи дека ние, со наша сопствена сила, не сме доволни за да постигнеме единство. Единството е пред сѐ и дар, тоа е благодат која треба да ја бараме преку молитва.

Секој од нас има потреба од тоа. Имено, забележуваме дека не сме во состојба да го зачуваме единството ниту во самите себе. И апостол Павле чувствува поделба во себе: не доброто, кое го сакаме, го правиме, туку злото (сп. Римјаните 7,19). Тој сфатил дека коренот на многу поделби кои се околу нас - меѓу луѓето, во семејство, во општество, меѓу народите, па дури и меѓу верници - е во нас. Во пасторалната конституција за Црквата во современиот свет Gaudium et spes Вториот ватикански собор вели дека „нерамнотежата од која страда светот денес, всушност е поврзана со онаа основна нерамнотежа, која е вкоренета во човечкото срце. Имено, многу елементи се судираат во самиот човек […] Според тоа, човекот го измачува поделеноста во него самиот; од тука исто така, настануваат толку многу поделби во општеството“(10). Значи, решението за поделбите не е во спротивставувањето на некого, затоа што неслогата раѓа уште една неслога. Вистинскиот лек започнува со тоа што ќе се моли од Бога мир, помирување, единство.

Ова посебно важи за христијаните: единството може да дојде само како плод на молитвата. Дипломатските напори и академските дијалози не се доволни. Исус го знаеше тоа и ни го отвори патот молејќи се. Нашата молитва за единство на христијаните е толку скромна, но со доверливо учество во Господовата молитва, кој вети дека секоја молитва во негово име ќе биде услишана од Отецот (сп. Иван 15, 7). Сега може и да се прашаме: „Дали се молам за единство?“ Тоа е Исусовата желба, но ако погледнеме наназад за наканите за кои се молиме, веројатно ќе сфатиме дека малку сме се молеле, можеби никогаш за единство на христијаните. А сепак, од тоа зависи и верата во светот; имено, Господ побара единство меѓу нас „за да поверува светот“ (Иван 17, 21). Светот нема да поверува затоа што ќе го убедиме со добри аргументи, туку ако сведочиме за љубовта, која нѐ обединува и со која стануваме луѓе блиски до сите.

Во ова време на големи неволји, молитвата е уште повеќе потребна за да надвладее единството над конфликтите. Неопходно е потребно настрана да се остават поделбите како би да се промовирало општото добро и затоа нашиот добар пример е од суштинско значење: од исклучително значење е христијаните да продолжат да одат кон полно, видливо единство. Во последниве години, благодарение на Бога, се направени многу чекори напред, но треба неуморно да се истрае во љубовта и молитвата и да не дозволиме да се обесхрабриме. Тоа е пат што Светиот Дух го поттикна во Црквата, во христијаните и во сите нас и од кој нема назад, туку секогаш напред!

Да молиш значи да се бориш за единство. Да, да се бориш, бидејќи нашиот непријател, ѓаволот, како што вели самиот збор, е делител, разделувач. Исус моли од Светиот Дух за единство, создавање на единство. Ѓаволот секогаш носи поделба и раздор, затоа што му одговара да донесе раздор. Искушува за поделби, насекаде и на секој начин, додека Светиот Дух секогаш нè поттикнува да се стремиме сложно за единството. Ѓаволот генерално не нѐ доведува во искушение во однос на високата теологија, туку во однос на слабостите на нашите браќа. Тој е лукав: ги зголемува туѓите грешки и маани, сее раздор, предизвикува критики и создава фракции. Божјиот пат е поинаков: тој нè прифаќа такви какви што сме, многу нè сака, но нè сака какви што сме и нè прифаќа какви што сме; нè прифаќа како различни, нè прифаќа како грешници и секогаш нè поттикнува на единство. Можеме да се преиспитаме и да се запрашаме дали го зајакнуваме конфликтот во местата во кои живееме или се бориме да го зголемиме единството со средствата кои ни ги дава Бог, а тоа се молитвата и љубовта. Конфликтот, пак, се разгорува со озборувања, секогаш, со озборувања за другите. Озборувањето е најсоодветно оружје на ѓаволот за да внесе поделба и раздор во христијанската заедница, да внесе раздор во семејството, да внесе раздор меѓу пријателите, тој секогаш сее поделба и раздор. Светиот Дух, од друга страна, секогаш во нас вдахновува единство.

Тема на оваа молитвена осмина е токму љубовта: „Ако останете во мојата љубов ќе дадете многу плод“ (сп. Иван 15, 5-9). Коренот на заедништвото е љубовта Христовата, која ни помага да ги надминеме предрасудите за да видиме во другиот брат и сестра кои секогаш треба да ги сакаме. Тогаш откриваме дека христијаните од други вероисповеди, со своите традиции, со својата историја, се дарови Божји, дека даровите се присутни на териториите на нашите епархиски и парохиски заедници. Да започнеме да се молиме за нив и кога е можно, со нив. Така, ќе научиме да ги сакаме и цениме. Молитвата, потсетува Соборот, е душата на целото екуменско движење (сп. Unitatis redintegratio , 8). Затоа, нека молитвата биде почетна точка за да му помогнеме на Исус да го оствари својот сон: сите да бидат едно.

21 јануари 2021, 15:07