Генерална аудиенција: Да не се срамиме да молиме
Кон Тебе, Господи, викам: не биди безгласен кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб. Чуј го гласот на молитвите мои, кога Ти се молам, кога кревам раце кон Твојот свет храм - се зборови од Пслам 27 кои беа вовед во катехезата на папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 9 декември 2020 година, на која продолжи со катехезите за молитва. Тема на денешната катехеза беше „Просителна молитва“
Благодарноста и молитвата се два елементи на христијанската молитва кои целосно го покажуваат нашето човештво - истакна Папата. Пример за ова е молитвата ‘Оче наш ’во која се молиме на Бога за највозвишените дарови: за светување на Неговото име меѓу луѓето, доаѓање на Неговото царство, исполнување на Неговата волја за доброто на светот. Таа исто така е молитва во која се бараат едноставни и секојдневни дарови, како што е секојдневниот леб, што значи и здравје, домување, работа, како и простување на нашите гревови, помош во искушенија и избавување од злото.
Катехизмот нагласува дека преку молитва ја изразуваме свеста дека сме Божји созданија, откажувајќи се од илузијата на самодоволност, признаваме дека Тој ни е потребен и дека не сме нашата крајна цел. Сите ние некој момент од животот запаѓаме во потиштеност и осаменост - рече Папата. Библијата не се срами да ја прикаже човечката состојба погодена од болести, неправди, неискреност на пријатели или закани од непријатели. Понекогаш ни се чини дека сè пропаѓа, дека досега живеениот живот бил залуден. Во тие навидум безнадежни ситуации - кога се чини дека сè пропаѓа, постои само еден излез, а тоа е крикот, молитвата: „Господи, помогни ми!“ Молитвата отвора зраци светлина во најдлабоката темнина. „Господи, помогни ми!“ Тоа отвора: го отвора патот, одењето - рече папата Фрањо.
Но, не молиме само ние, забележа тој, секое парче од целото создание во себе има втисната желба за Бога. Целото создание се моли, но ние сме единствените кои се молиме свесно, кои знаат дека му се обраќаме на Отецот и влегуваме во дијалог со Него. Значи, не треба да се соблазнуваме ако чувствуваме потреба за молитва, не треба да се срамиме. И посебно кога сме во потреба, треба да се молиме, да прашаме. Многумина од нас го имаат тоа чувство: се срамиме да молиме, да бараме помош, да молиме некој кој да ни помогне за да направиме нешто, да постигнеме одредена цел, се срамиме да го замолиме Бога.
Не се срами да молиш. „Господи, ми треба тоа“, „Господи, јас сум во неволја“, „Помогни ми! тоа е крик на срцето кон Бог кој е Отец - рече Папата и истакна: Тоа треба се прави и во среќните моменти, не само во лошите; треба да му благодариме на Бога за секоја работа што ни е дадена; сето тоа е благодат. Тоа треба да го научиме. Господ секогаш ни дава, секогаш и сè е благодат.
Можно е исто така и да не веруваме во Бога, но тешко е да не веруваме во молитвата, затоа таа едноставно постои – рече Светиот Отец. Таа е внатрешен глас што може да молчи долго време, но еден ден ќе се разбуди и ќе викне. И Бог ќе одговори на нашиот крик - истакна Папата - нема молитва што Тој не ја слуша. Библијата го повторува ова безброј пати. Бог го слуша крикот на оној што Го повикува. И нашите едвај изговорени молитви, оние што се наоѓаат на дното од срцето, кои се срамиме да ги кажеме, Отецот ги слуша и сака да ни го даде Светиот Дух, кој ја вдахновува секоја молитва и сѐ преобразува. (…) Прашање е на трпеливост, секогаш да издржиме при чекањето. Сега сме во Адвент, типично време на исчекување; го чекаме Божиќ. Тоа добро се гледа. Но и целиот наш живот е во исчекување. И молитвата секогаш е во исчекување, затоа што знаеме дека Господ ќе одговори - истакна папата Фрањо.