Пребарување

Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 14 октомври 2020 година Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 14 октомври 2020 година 

Генерална аудиенција: Бог нѐ слуша, за него не сме бројка, туку лица и срца

Катехезата на Генералната аудиенција во среда 14 октомври 2020 година папата Фрањо ја посвети на Книгата Псалми, која нѐ учи како да молиме. При тоа истакна дека во молитвата треба да бидеме тоа што сме, затоа што во страдањата во животот Бог нѐ слуша и не нѐ напушта. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Читајќи ја Библијата постојано наидуваме на разни видови молитви. Но наоѓаме и книга составена само од молитви, книга која станала татковина, училница и дом на неброени молители. Тоа е книгата Псалми. Има 150 Псалми со кои можеме да се служиме при молитвата.

Дел е од книгите за мудроста, затоа што пренесува „умешност за молење“ преку искуството на дијалог со Бог. Во псалмите ги наоѓаме сите човечки чувства: радост, тага, сомнеж, надеж, горчина со кои е проткаен нашиот живот. Во Катехизмот се вели дека секој псалм го украсува „таква умереност што може да го молат луѓето во сите прилики и сите времиња (ККЦ 2588). Читајќи ги секогаш одново псалмите го учиме јазикот на молитвата. Бог Отецот, имено го вдахнува срцето на царот Давид и другите молители со својот Дух за да ги научат мажите и жените, како да му воздигнат слава, како да му се заблагодарат и како да му се молат, како да го повикуваат во радост и болки, како да се проповедаат чудесата на неговите дела и неговиот Закон, накратко, псалмите се Божјо слово, кое ние луѓето го користиме за да разговараме со него.

Во оваа книга не сретнуваме “етерични“ луѓе, апстрактни лица, кои ја мешаат молитвата со естетско или туѓо искуство. Псалмите не се текстови кои се создадени на маса, тоа се често драматични повици кои извираат од доживеаното. За да ги молиме доволно е да бидеме тоа што сме. Не смееме да заборавиме за да молиме добро дека мораме да бидеме такви какви што сме, а не разубавени. Не треба да ја разубавуваме својата душа за да би можеле да молиме. „Господи, па таков сум“ и ќе дојдеме кај Господ такви какви што сме, со оние убави работи како и со оние грдите што никој не ги знае, но ние во својата душа ги знаеме. Во псалмите слушаме гласови на молители од крв и месо, чиј живот, како и на сите нас е полн со проблеми, напори, неизвесност. Псалмистот не го оспорува радикално тоа страдање, знае дека тоа е составен дел од животот. Меѓутоа, во псалмите тоа страдање се претвора во прашање. Од прашање во прашање.

А меѓу многуте прашања постои едно кое останува да лебди во воздух, како непрестаен крик, кој се провлекува низ целата книга од корица до корица. Прашањето кое го повторуваме многу пати е: До кога Господи? До кога? Секоја болка бара ослободување, секоја солза утеха, секоја рана чека оздравување, секоја клевета ослободителна пресуда. „До кога Господи мора ова да го трпам. Слушни ме Господи!“ колку пати сме молеле така, со зборови: „До кога, доста е Господи!“

Со постојаното поставување на такви прашања, псалмите нѐ учат да не се навикнеме на болката и нѐ потсетуваат на тоа дека животот не е спасен ако не е оздравен. Човечкиот живот поминува во еден здив, низ сѐ што поминува е минливо, но молителот знае дека е скапоцен во Божјите очи поради што има смисла да го повикува. И тоа е важно. Кога молиме, тоа го правиме затоа што знаеме дека сме скапоцени во Божјите очи. Милоста на Светиот Дух е таа која одвнатре, ја разбудува таа свест: дека сме скапоцени во Божјите очи. И тоа нѐ поттикнува да молиме.

Молитвата во псалмите е сведоштво за тој крик. Тоа е повеќеслоен крик, затоа што во животот болката поприма безброј облици и ја познаваме со имињата болест, омраза, војна, прогонство, недоверба... Сѐ до последната „соблазна“, соблазната на смртта. Смртта во Псалтирот се појавува како најнеразумен човечки непријател: Кое злосторство заслужува таква сурова казна, која вклучува уништување и крај? Оној кој моли псалми го моли Бог да интервенира таму каде сите човечки напори се залудни. Ете зошто молитвата сама по себе е пат до спасение и почеток на спасението.

На овој свет сите страдаат, било да верува во Бог или пак го отфрла. Но во Псалтирот болката станува однос, врска: крик и помош која чека да допре до увото на оној кој слуша. Не може да остане бесмислена, без цел. Дури и болките кои ги трпиме не може да бидат само специфични случаи на некој општ закон. Тоа секогаш се моите солзи. Размислувајте за ова: солзите не се универзални, тоа се „мои“ солзи. Секој има свои солзи. „Моите“ солзи и „мојата“ болка ме тераат да продолжам да молам. Тоа се „мои“ солзи кои никој никогаш пред мене ги нема пролеано. Да, многумина плачеле, многумина, но „моите“ солзи се само мои, „мојата“ болка е само моја, „моето“ страдање е само мое.

Пред да влезам во салата сретнав родители на убиен свештеник од бискупијата Комо. Убиен е токму во служба на помагање на другите. Солзите на тие родители се „нивни“ солзи, и само тие знаат колку пострадале гледајќи си го синот кој го даде животот, служејќи им на сиромашните. Кога некој сакаме да утешиме, не наоѓаме зборови. Зошто? Затоа што не можеме да допреме до неговата болка, затоа што е „негова“ болка и само негова, „негови“ солзи и само негови. Истото важи и за нас: солзите, „мојата“ болка се мои, солзите се „мои“ и со тие солзи, со таа болка се обраќам на Господ.

Сите човечки болки за Бог се свети. Вака моли молителот во Псалм 55: Боже, Ти го знаеш животот мој, солзите мои Си ги ставил пред себе – како во заветот Твој. Пред Бог ние не сме туѓинци или бројки. Ние сме лица и срца. Тој го познава секој лично, по име.

Во псалмите верникот пронаоѓа одговор. Знае дека дури ако сите човечките врати се затворени, Божјата е отворена. Дури и ако целиот свет донесе ослободителна пресуда, во Бог е спасението.

„Господ слуша“: понекогаш во молитвата е доволно само тоа да се знае. Проблемите нема секогаш да се решат. Оној кој моли не дозволува да се залажува: знае дека многу животни прашања овде на земјата остануваат нерешени, без излез. Страдањето ќе нѐ следи и после извојуваната битка, нѐ чекаат други. Меѓутоа, ако некој нѐ слуша, сѐ станува поподносливо.

Најлошото што може да се случи е да се страда во напуштеност, заборавен од сите. Од тоа нѐ спасува молитвата. Може да се случи и тоа често да не ги разбираме Божјите науми. Но нашиот крик не останува заплеткан во овој свет, се воздигнува кон Оној кој има Очево срце и кој и самиот плаче поради секој свој син и ќерка кои страдаат и умираат. Нешто ќе ви кажам: Мене лично ми помага, во грдите моменти, размислувањето за Исусовите солзи, кога плачеше гледајќи го Ерусалим, кога плачеше пред гробот на Лазар. Бог плачеше поради мене, Бог плаче, плаче поради нашите болки. Затоа што Бог благоволи да стане човек - вели еден духовен автор – за да би можел да плаче. Ако останеме во однос со него, во животот нема да бидеме поштедени од страдања, но за животот ни се отвора голем хоризонт на добра и поаѓа кон своето исполнување. Храбро само, продолжете со молитвата. Исус секогаш е со нас.

15 октомври 2020, 09:36