Пребарување

Папата на средба со Италијанската полиција Папата на средба со Италијанската полиција 

Папата се заблагодари на Италијанската полиција

Папата Фрањо се сретна на 28 септември во салата на Павле VI. со раководителите и персоналот на Инспекторатот за јавна безбедност во Ватикан, заедно со нивните семејства, по повод 75-годишнината од основањето, и им се заблагодари за нивната „тешка работа“, меѓу другото и за безбедноста на Папата и неговите соработници при патувањата во Италија.

Со зборови на благодарност за служењето на поклониците, нивната безбедност, како и на безбедноста на Папата и неговите соработници, служба која ја извршуваат марливо, професионално и во духот на пожртвуваност, како и со восхит за трпението кое го имаат во односите со луѓе од толку различни места и култури, но и со свештеници - им се обрати папата Фрањо на водачите и вработените во Инспекторатот за јавна безбедност. Неговите зборови беа полни со благодарност за тешката работа на мажите и жените кои бдеат над плоштадот Свети Петар и движењата на папата во Рим и по повод на неговите посети во бискупиите и заедниците во Италија.

Нивната работа бара дискреција и рамнотежа, како патувањата на Папата не би ги загубиле карактеристичните обележја за средба со Божјиот народ. Станува збор за работа која за присутните во Салата на Павле VI. е постојан повик за повеќе вредности; на човечките и духовните вредности за кои треба да се прифаќаат и сведочат секој ден - рече папата Фрањо. Тој посака напорите на италијанските полицајци во служба на Ватикан, кои често се изложуваат жртва и опасност, да бидат вдахновени од живата христијанска вера. Тоа е најскапоценото духовно богатство што ви го доверија вашите семејства и што сте повикани да им го пренесете на своите деца - рече Папата.

Тој посочи дека службата на „ватиканскиот“ Инспекторатот во изминатите 75 години е реализирана врз основа на длабоката врска што постои помеѓу Светиот Престол и Италија, а своите корени ги има во Латеранските договори од 1929 година. Тој потсети на приликите во кои е основан Инспекторатот, во март 1945 година, во сиромаштија и национална криза, кога политичките и социјалните сили се залагаа за демократска обнова.

Папата Фрањо ги спомена и деветте тешки месеци на германската окупација на Рим, од септември 1943 до 4 јуни 1944 година. Тогаш имаше проблем со почитување, од страна на германските војници, кон неутралноста и суверенитетот на градот Ватикан, како и на Папата. За време на окупацијата, границата меѓу италијанската држава и градот Ватикан, означена на тротоарот на плоштадот Свети Петар, беше место на напнатост и страв. Верниците не можеа лесно да влезат во базиликата за да се молат, и затоа многумина се откажуваа.

По ослободувањето на Рим, војната остави длабоки рани врз совеста, урнатини на улиците, сиромаштија и страдања во семејствата. Но, Римјаните и ходочасниците кои успеале да стигнат до Рим, сè повеќе оделе во базиликата Свети Петар, исто така, за да му изразат благодарност на папата Пиј XII, кој е и наречен ‘defensor civitatis’ (бранител на градот) - рече Папата.

Така, новата канцеларија на Државната полиција при Ватикан, помагајќи и гарантирајќи ја безбедноста на многу ходочасници, во соработка со ватиканските органи задолжени за јавниот ред и безбедноста на Папата, односно со жандармеријата и Папската швајцарска гарда, извршува важна служба за Италија и Светиот Престол - рече папата Фрањо.

Аудиенцијата заврши со молитва кон Свети Михаил Архангел, заштитник на италијанската државна полиција, при што Папата молеше заедно со Дева Марија да бдее над нив и нивните семејства.

29 септември 2020, 10:19