Пребарување

Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 6 септември 2020 Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 6 септември 2020  

Ангел Господов: Озборувањето е полоша чума од Ковид

За да се исправи братот, кој згрешил Исус советува педагогија на исправање, а не обвинување и осуда. Ова го истакна папата Фрањо на 6 септември 2020 година во говорот пред молитвата Ангел Господов. Говорот на Светиот Отец го пренесуваме во целост.

Драги браќа сестри,

Евангелието од оваа недела (сп. Матеј 18,15-20) преземено од четвртиот говор на Исус во евангелието според Матеј, познат како „говор за заедницата“ или „говор за Црквата“. Денешниот дел од Евангелието зборува за братско исправање и нѐ повикува да размислуваме за двократната димензија на христијанското постоење: соборност, кое бара зачувување на соборноста, односно единството на Црквата и личната која бара внимание и почитување на секоја поединечна совест.

За да го исправиме братот кој погрешил, Исус предлага педагогија на исправање. Исусовата педагогија секогаш е исправање. Тој секогаш настојува да исправи, спаси. И таа педагогија е поделена во три чекори. Најпрво вели: „оди и искарај го насамо“, односно не изнесувај го јавно неговиот грев. Тоа значи да се појде кон братот со разбирање, не за да се осуди, туку за да му се помогне да сфати што направил. Колку пати сме имале такво искуство: некој дојде и ни вели: „Слушај тука погреши. Треба малку да се промениш“. Можеби најпрво ќе се налутиме, но подоцна ќе заблагодариме, затоа што тоа е чин на братство, заедништво, помош, исправање.

Таквото Исусово учење не е лесно да се спроведе во дело и тоа од повеќе причини. Постои страв дека братот или сестрата лошо ќе реагира, понекогаш недостасува доволно доверба во него или неа... а има и други причини. Но секој пат кога тоа ќе го направиме чувствуваме дека токму тоа е Господовиот пат.

Меѓутоа може да се случи и покрај моите добри намери, првиот обид да не успее. Во тој случај добро е да не се откажеме и да кажеме: Па нека сам си решава, дигам раце од него“. Не, тоа не е христијански. Не смееме да се откажеме, туку мораме да го поддржиме братот или сестрата. Исус вели: „Ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор“. Тоа е пропис од Мојсеевиот закон (сп. Второзаконие 19,15). И покрај тоа што изгледа дека е против обвинетиот, всушност го штити од лажни обвинители. Но Исус оди понатаму од тоа: бара двајца сведоци, не за да го осудат или обвинат, туку да му помогнат. „Да појдеме јас и ти и да се договориме, да поразговараме со него, со оној кој греши, кој прави нешто лошо. Одиме да разговараме со него како браќа.“ Тоа е став на исправање кој го посакува Исус од нас. Исус, имено во обѕир ја зема и можноста и вториот пристап со сведоците да пропадне, за разлика од Мојсеевиот закон според кој сведоштвото на двајца или тројца би било доволно за осуда.

Дури и љубовта на двајца или тројца браќа може да биде недоволна, затоа што тој или таа се тврдоглави. Во тој случај Исус додава: кажи ѝ на црквата; односно заедницата. Во некои ситуации се вклучува целата заедница. Постојат работи кои другите браќа не можат да ги остават рамнодушни: потребна е поголема љубов за да се поправи братот. Но понекогаш можеби дури ниту тоа не е доволно: Исус вели: Па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и цариник.“ Овој наизглед презир, всушност е повик да го вратиме братот во Божји раце. Само Отецот ќе може да искаже поголема љубов од она која ја имаат сите браќа заедно. Ова Исусово учење ни е од голема помош, затоа - да се потсетиме на еден пример - кога ќе видиме некоја погрешка, маана или дека братот или сестрата паднале, обично првото што го правиме е да одиме кај другите и за тоа да зборуваме со другите, да оговараме. А озборувањето го затвора срцето на заедницата, го затвора единството на Црквата. Големиот озборувач е ѓаволот кој секогаш зборува грдо за другите, затоа што тој е лажливец, кој се обидува да ја разедини Црквата, да ги оддалечи браќата од Црквата и да внесе раздор во заедницата. Ве молам браќа и сестри да се потрудиме да не оговараме, Озборувањето е чума, поголема од Ковид. Да се потрудиме, да не оговараме. Тоа е Исусовата љубов, која ги прифаќа и цариникот и паганинот, соблазнувајќи ги умните луѓе од она време.  

Затоа, не станува збор за осуда без право на жалба, туку за признавање дека нашите човечки зафати понекогаш можат да пропаднат и дека само кога тој ќе се најде сам пред Бог, братот може да застане пред сопствената совест и одговорност за своите постапки. Ако не успееме, тогаш да се упатиме во тишина и молитва за братот и сестрата што греши, но никогаш да не озборуваме.

Богородица нека ни помогне братската исправка да стане здрава навика, така што во нашите заедници секогаш можеме да воспоставуваме нови братски односи, засновани на заемно простување и пред сè, на непобедливата сила на Божјата милост.

07 септември 2020, 09:07