Пребарување

Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 12 август Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 12 август 

Генерална аудиенција: За да се излекува светот треба да сме браќа, а не индивидуалисти

За време на Генералната аудиенција во среда 12 август папата Фрањо истакна дека христијаните се повикани во време на пандемија да реагираат и да се борат против сите видови кршења на човечкото достоинство кое е спротивно на евангелието и да работат за доброто на целото човечко семејство и нашиот заеднички дом. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден

Во оваа пандемија јасно се гледа колку сме ранливи и меѓусебно поврзани. Ако не се грижиме едни за други, поаѓајќи од оние кои се на дното на скала, од оние кои се најмногу погодени, вклучувајќи го и создадениот свет, нема да можеме да го излекуваме светот.

Многу е важно да се пофали сега залагањето на многумина кои последните месеци ја докажуваат човечката и христијанската љубов кон ближниот: посветувајќи се на болните се изложуваат на опасност дури и по сопственото здравје. Тие се вистински херои! Меѓутоа, коронавирусот не е единствената болеста против која треба да се бориме, туку пандемијата изнесе на виделина уште повеќе раширени болести на општеството. Една од нив е погрешниот поглед на човекот, поглед во кои се занемарува неговото достоинство и неговата релациска важност. Понекогаш на другите гледаме како на предмети кои кога ќе се употребат се фрлаат. Таквиот поглед всушност заслепува и дава замав на индивидуалистичката и агресивна култура на отфрлање која го претвора човекот во потрошувачко добро (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 53; и енциклика. Laudato si’ [LS], 22).

Но во светот на верата, знаеме дека Бог мажот и жената ги гледа со други очи. Нѐ создаде не како предмети, туку како љубени и личности способни да љубат; тој нѐ создаде според својот образ и подобие (сп. 1 Мојсеева 1,17). На тој начин ни дава единствено достоинство, повикувајќи нѐ да живееме во заедништво со него, во заедништво со нашите сестри и браќа, со почит кон секое создание. Во заедништво, можеме да кажеме во хармонија. Создаденото е хармонија во која сме повикани да живееме. И во тоа заедништво, во таа хармонија која е заедништво, Бог ни дава способност да создаваме и раѓаме и да го чуваме животот (сп. 1 Мојсеева 1,28-29), да работиме и да се грижиме за земјата (сп. 1 Мојсеева 2,15; LS, 67). Се разбира дека животот не може да се создава, да се раѓа и чува без хармонијата, ќе биде уништен.

Пример за тој индивидуалистички поглед, она што не е хармонија, имаме во евангелијата, во молбата која ја упати до Исус мајката на двајцата ученици, Јаков и Иван (сп. Матеј 20, 20-28). Таа побарала нејзините деца да можат да седнат оддесно и одлево на новиот цар. Но Исус предлага еден нов вид визија: Визија на служење и давање на сопствениот живот за другите и тоа го потврдува веднаш на начин враќајќи го видот на двајцата слепи, правејќи ги негови ученици (сп. Матеј 20, 29-34). Настојувањето во животот да се гради успех „на туѓ грб“, да се биде супериорен над другите, ја уништува хармонијата. Тоа е логика на доминација, доминирање над другите. Хармонијата е сосема нешто друго: Тоа е служење.

Да го молиме Господ да ни даде внимателни очи за своите браќа и сестри, посебно за оние кои страдаат. Како Исусови ученици не сакаме да бидеме рамнодушни и индивидуалисти, тоа се два лоши става кои се спротивни на хармонијата. Рамнодушни: ја свртуваме главата на друга страна. Индивидуалисти: Да ја гледаме само својата корист. Хармонијата која ја создаде Бог бара да гледаме на другите, на потребите на другите, на проблемите на другите, да бидеме во заедништво. Треба да го препознаеме човечкото достоинство во секој човек, без разлика на неговата раса, јазик или положба. Хармонијата доведува до тоа да се препознава човечкото достоинство, онаа хармонија која ја создаде Бог, а во чиј центар е човекот.

Во пасторалната конституција на Вториот ватикански собор Gaudium et spes  се истакнува дека тоа достоинство е неотуѓиво, затоа што е создадено „според Божја слика“ (12). Тоа е темел на целокупниот општествен живот и ги одредува неговите оперативни принципи. Во современата култура најблиско упатува на начелото на неотуѓивото достоинство на личноста е Универзалната декларација за човечки права, кои свети Иван Павле II. ја нарече „пресвртница на долгиот и тежок пат на човечкиот род“ (1) и „еден од најважните изрази на човечката свест (2). Правата не се само индивидуални, туку и социјални. Тоа се правата на народите, нациите (3). Имено, човек во своето лично достоинство, општествено битие, е создадено според образот на Троединиот Бог. Ние сме општествени битија, треба да живееме во тој општествен склад, но кога ќе завладее себичноста стануваме слепи за другите, за заедницата, гледаме само за себе и тоа нѐ прави лоши, зли, себични, уништувајќи ја хармонијата.

Таа обновена свест за достоинството на секое човечко битие има сериозни општествени, економски и политички последици. Гледајќи на братот и целокупното создание како на дар кој Отецот ни ги дава од својата љубов и нѐ поттикнува на однесување кое е со внимание, грижа и восхит. Така верникот, гледајќи на ближниот како на брат, не како на странец, го гледа со сочувство и емпатија, а не со презир или непријателство. И гледајќи го светот во светло на верата, се труди да го развива, со помош на милоста, својата креативност и својот ентузијазам при решавањето на неволјите со кои човекот се сретнува на својот пат низ историјата. Своите способности ги сфаќа и развива како одговорност која произлегува од неговата вера (4), како Божји дарови кои треба да се стават во служба на човечкиот род и создаденото.

Додека сите работиме на излекување од вирусот кој влијае на сите луѓе без разлика, верата нѐ поттикнува сериозно и активно да се бориме како би ја победиле рамнодушноста при кршењето на човечкото достоинство. Таа култура на рамнодушност оди рака под рака со културата на отфрлање: Тоа не се однесува на мене, не ме интересира. Верата секогаш бара да дозволиме самите ние да бидеме излекувани и да се преобратиме од секој индивидуализам и личен и колективен; индивидуализам на пристрасност, на пример.

Да даде Господ „повторно да прогледаме“ како одново би откриле што значи да се биде член на човечкото семејство. И тој поглед нека се преточи во конкретни дела на сочувство и почит кон секоја личност и грижа и чување на нашиот заеднички дом.

13 август 2020, 10:37