Пребарување

Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 9 август 2020 година Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 9 август 2020 година 

Ангел Господов: Исус е раката на Отецот кој никогаш не нѐ напушта

Кога силно чувствуваме сомнеж и страв и кога ни изгледа дека потонуваме, во тешките моменти од животот, не смееме да се срамиме за да повикаме како Петар: »Господи, спаси ме!« - рече папата Фрањо во недела 9 август 2020 година пред молитвата Ангел Господов. Говорот на папата го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Евангелието за оваа недела (сп. Матеј 14, 22-33) ни зборува за Исус кој оди по вода по езерото зафатено од бура. Откако го нахрани мноштвото со пет леба и две риби – како што слушнавме минатата недела – Исус им заповеда на учениците да влезат во коработ и да се вратат на другата страна брегот. Го отпушта мноштвото, а потоа се искачува сам на гората за да се помоли. Ужива во заедништвото со Отецот.

Додека во ноќта го поминувале езерото, коработ со учениците ги запира ненадејна бура со спротивен ветар. Ништо невообичаено за тоа езеро. Во одреден момент гледаат дека некој оди по морето и оди кон нив. Преплашени помислиле дека тоа е привидение, а од страв и извикале. Исус ги смирува: »Не бојте се! Јас сум, не плашете се!« Тогаш Петар, кој бил многу одлучен одговорил: »Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!« Исус му рече: »Дојди!« Петар излезе од коработ и направил неколку чекори, но потоа ветерот и брановите го исплашиле и започнал да потонува. Извикал: »Господи, спаси ме!« А Исус го фатил за рака и му рече: »Маловернику, зошто се посомнева?«

Овој настан е повик во секој момент од својот живот, посебно во моментите на искушенија и неволји, со доверба да се препуштиме на Бог. Кога силно чувствуваме сомнеж и страв и кога ни изгледа дека потонуваме, во тешките моменти од животот, каде што сѐ станува темно, не смееме да се срамиме за да повикаме како Петар: »Господи, спаси ме!« Да тропаме на вратата на Божјото срце, на Исусовото срце: »Господи, спаси ме!« Тоа е убава молитва. Можеме да повториме повеќе пати: »Господи, спаси ме!« За тој Исусов гест, кој веднаш ја пружа раката за својот пријател, треба долго да се размислува. Тоа е Исус, тоа го прави Исус, Исус е раката на Отецот, кој никогаш не нѐ напушта. Силна и верна рака на Отецот кој никогаш не нѐ напушта, силна и верна рака на Отецот кој секогаш го посакува само нашето добро. Бог не создава голема врева. Бог не е ветрец, пожар или земјотрес, како што нѐ потсетува денешното прво читање во извештајот за пророкот Илија. Бог е лесен шепот и благ ветрец – буквално се вели вака: Тој „не е во ветрот; здив од тих ветар“ – кој не се наметнува, туку бара да се слуша (сп. 3 Царства 19,11-13).Да се има вера значи во сред бура да се држи своето срце свртено кон Бог, неговата љубов и татковска нежност. Тоа сакал Исус да го поуи Петар, па и нас денес. Тој добро знае дека во моментите на темнина, во моментите на тага, нашата сиромашна вера – сите ние сме маловерни, сите ние, па и јас, сите - и дека нашиот пат може да биде макотрпен и дека може да го пристигнат непријателски сили. Но тој е Воскреснат! Да не го забораваме тоа: Тој е Господ, кој помина низ смртта за да нѐ спаси. И пред да започнеме ние да го бараме, Тој веќе е присутен покрај нас. Нѐ подига после секој наш пад, ни дава да растеме во верата. Можеби во темнината викаме: Господи, Господи!, мислејќи дека е далеку. А тој вели: Тука сум, Ах, бил со мене. Такво е Господ!

Коработ препуштен на милост и немилост е слика за Црквата која во секое време наидува на спротивни ветрови, понекогаш многу големи искушенија, да се сетиме само на одредени долги и жестоки прогонства од минатиот век, па и денес, во некои краишта.

Црквата во таквите ситуации може да биде во искушение и да мисли дека Бог ја напуштил. Но токму во тие моменти всушност засветува најсилно сведоштвото на верата, љубовта и надежта. Присутноста на воскреснатиот Христос во неговата Црква дарува милост за сведочење па и со мачеништво од кои што р’тат нови христијани, како и плодови за помирување и мир за целиот свет.

Кога животната тага и бури ќе ја доведат во криза нашата доверба во Бог, застапништвото на Пресвета Дева Марија нека ни помогне да истраеме во верата и братската љубов.

10 август 2020, 14:26