Пребарување

Генерална аудиенција во среда 3 јуни 2020 година Генерална аудиенција во среда 3 јуни 2020 година 

Генерална аудиенција: Авраам нè учи како да разговараме со Бог

Во продолжение на серијата катехези за молитвата, папата Фрањо во среда 3 јуни 2020 година на Генералната аудиенција зборуваше за патријархот Авраам, за неговата молитва, разговор со Господ, полна со доверба и подготвеност да го прифати Словото Божјо.

Да се научиме од Авраам, да молиме со вера. Да научиме да го слушаме Господ, да одиме со Него и да разговараме, па дури и да се расправаме – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција, која повторно поради состојбата со пандемијата со коронавирусот ја одржа од библиотеката на Апостолската палата.

Продолжувајќи ја серијата катехези за молитвата, Папата зборуваше за Авраам и неговиот разговор со Бог, за кој се зборува во Книгата Битие (1 Мојсеева 15,13-16). Бог му зборува на Авраам и го повикува да појде на пат, кој изгледа неразумен, го поттикнува да ја напушти својата татковина, корените на своето семејство и да појде во нова, поинаква иднина. И сето тоа врз основа на едно ветување на кое треба да се надева. И Авраам се надева и покрај тоа што не е лесно да се надева во само едно ветување, за тоа е потребно храброст – рече папата Фрањо.

Авраам го слуша Божјиот глас, се доверува на Неговото Слово и ја напушта својата земја. Тоа е важно, се доверува на Божјото слово – истакна Папата и додаде: Со неговото заминување започнува на нов начин да се сфаќа односот со Бог. Токму затоа патријархот Авраам е присутен во големите еврејски, христијански и исламски духовни традиции како совршен Божји човек, способен да се покори на Него, дури и тогаш кога неговата волја многу бара, а можеби е дури и несфатлива.

Авраам е значи човек на Словото. Кога Бог зборува, човек станува примател на тоа Слово, а неговиот живот место на кое тоа сака да се овоплоти. Тоа е големата новост на верскиот пат на човекот – напомена папата Фрањо и објасни: Така животот на верникот започнува да се сфаќа како повик, како место на кое започнува да се остварува ветувањето и тој во светот не се движи со товарот на некоја загатка, туку со силата на ветувањето кој еден ден ќе се оствари. Авраам поверува на Божјото ветување. Поверува и појде не знаејќи каде оди – така стои во посланието до Евреите. Се доверил – истакна Папата.

Книгата Битие ни открива дека Авраам молитвата ја живеел во постојана верност на она Слово кое повремено се појавувало на неговиот пат. Можеме да кажеме дека во животот на Авраам верата станува историја. И многу повеќе. Авраам со својот живот, со својот пример нè поучува на тој пат во кој верата станува историја. Бог повеќе не се гледа како некој далечен Бог кој може да внесе страв. Богот на Авраам станува и мој Бог, Бог кој не ме напушта. Се прашувам, а ве прашувам и вас: Дали го имаме тоа искуство на ‘свој Бог’., Бог кој ме следи, Бог на мојата лична историја, Бог кој ги води моите чекори, кој не ме напушта, Бог на моите денови? Да размислиме малку за тоа – поттикна Папата.

За таквото искуство на Авраам сведочи и францускиот филозоф Блез Паскал во својот „Меморијал“: „Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, а не Бог на филозофите и учењаците.(…) Бог Исус Христос“ – потсетува и ги објаснува тие зборови не изразувајќи интелектуални размислување, кои мудар човек како Паскал би можел да ги поттикне за Бог, туку покажува живо, искусено чувство на неговата присутност. Паскал го запишува дури и точниот момент кога ја почувствува таа стварност: Тоа било вечерта на 23 ноември 1654 година. Тоа не е апстрактен Бог или космички Бог, не. Тоа е личен Бог, повикува (…) Бог кој е сигурност, чувство, радост.

Така Авраам станува близок со Бог, способен со него да се расправа, но секогаш верен. Разговара со Бог, но и се расправа. И тоа до последното искушение, кога од него Бог бара да го жртвува синот Исак, синот единец, наследникот. Тогаш Авраам верата ја живее како драма, како одење на слепо во ноќ, под небо кое тогаш е без ѕвезди. Често се случува и со нас – рече Папата и додаде: Да одиме во мрак, но со вера. Самиот Бог ќе ја запре Авраамовата рака подготвена да удри, затоа што навистина ја виде неговата потполна послушност (сп. 1 Мојсеева 22,1-19)

На крајот папата Фрањо ги поттикна верниците да научат од Авраам како да молат: да го слушаат Господ, да одат со Него, да разговараат па и да се расправаат. Да не се плашиме да се расправаме со Бог. Ќе кажам нешто, што би можело да изгледа како ерес – напомена Папата. Многу пати имам слушнато луѓе кои ми велат: ‘Знаете ми се случи тоа, па се налутив на Бог’. – „Си имал храброст да се налутиш на Бог?“ – „Да се налутив.“ Но тоа е еден облик на молитва – истакна Папата – затоа што само дете е способно да се налути на својот татко и потоа повторно се сретнува со него.

Да научиме од Авраам да молиме со вера да разговараме и да се расправаме, но секогаш подготвени да го прифатиме Божјото Слово и да го ставиме во пракса. Да научиме да разговараме со Бог, како што син разговара со својот татко; да научиме да го слушаме, да му одговориме, да разговараме. Но транспарентно, како што тоа го прави синот со таткото – рече на крајот папата Фрањо.

 

03 јуни 2020, 16:53