Пребарување

Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 7 јуни 2020 година Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 7 јуни 2020 година 

Ангел Господов: Бог го љуби светот и покрај неговите гревови

Бог Отец го љуби толку многу светот, па така за да го паси го дарува она најскапоценото што го има, својот Син Единороден, кој го дава животот за луѓето, воскреснува, се враќа кај Отецот и заедно со Него го испраќа Светиот Дух – истакна папата Фрањо во неделната пладневна молитва.

Евангелието за денешниот празник на Пресветата Троица ни го покажува таинството на Божјата љубов кон светот, односно неговото создание – рече Папата пред пладневната молитва Ангел Господов на 7 јуни 2020 година на плоштадот Свети Петар. Светиот Отец потсети: Исус во краткиот разговор со Никодим се претставува како Оној кој го исполнува планот на Отецот за спасение на светот. Тој вели: Бог толку многу го возљуби светот, дури го даде и својот Единороден Син. Тие зборови покажуваат дека сè се случува со делувањето на трите божествени лица: Отец, Син и Светиот Дух – еден единствен план на љубов кој го спасува човештвото и светот.

Светот е одбележан со зло и расипаност; ние сме мажи и жени грешници; затоа Бог би можел да интервенира и да му суди на светот, да го уништи злото и да ги казни грешниците – рече Папата и напомена: Наместо тоа, го љуби светот и покрај неговите гревови. Бог секој од нас го љуби и тогаш кога грешиме и кога се оддалечуваме од Него. Бог Отец го љуби светот толку многу, па за да го спаси го дарува она најскапоценото што го има, својот Син Единороден, кој го дава животот за луѓето, воскреснува, се враќа кај Отецот и заедно со Него го испраќа Светиот Дух. Значи, Пресветата Троица е љубов која е во целосна служба на светот, која сака да го спаси и повторно да го создаде.

Кога Исус вели дека Отецот го дава својот Единороден Син, спонтано помислуваме на Авраам и неговиот дар, синот Исак, за кој говори Книгата Битие, и таа Божја љубов тука ни се покажува како „мера без мера“ – рече Светиот Отец и поттикна: Затоа да се потсетиме и на тоа како Бог се објавува на Мојсеј: полн со нежност, милосрдие и сочувство, спор на лутина и богат со милосрдие и верност. Средбата со таквиот Бог го охрабрува Мојсеј кој, како што вели книгата Исход, не се плашеше да застане помеѓу народот и Господ, говорејќи му: Овој народ е тврдоглав; прости ни ги гревовите наши и беззаконијата наши и ќе бидеме Твои.

Денешниот празник е повик одново да дозволиме Бог да нè маѓепса со Божјата убавина; убавина, добрина и неисцрпна вистина – рече Папата и додаде: Но и понизна, блиска, која стана тело, како би влегол во нашиот живот, во нашата историја, како секој маж и жена би можеле да го сретнат и да имаат живот вечен. Тоа е верата: да се прифати Бог – Љубов, кој се дарува во Христос, да му се препуштиме и да му веруваме.

Верата во Христос ја живееме, слушајќи го Словото и препуштајќи се на светите Тајни преку кои Светиот Дух ни ја дарува Божјата милост – рече Папата и истакна: Преку светите Тајни можеме да останеме во постојан однос со божествените лица; тие нè поттикнуваат да сведочиме за евангелската љубов, ни помагаат во напорите да живееме во единство и мир, како сè би било во слава на Пресветата Троица, Бог кој е Љубов.

Пресвета Богородица, пребивалиште на Пресветата Троица нека ни помогне со отворени срца да ја прифатиме Божјата љубов која нè исполнува со радост и ни дава смисла на нашиот од низ овој свет, секогаш упатувани кон целта, а тоа е небото – рече на крајот Светиот Отец.

 

07 јуни 2020, 16:29