Папата после молитвата Царице небесна на 10 мај 2020 Папата после молитвата Царице небесна на 10 мај 2020 

После молитвата Царице небесна: Денес посебно мислам на Европа и Африка

Светиот Отец по пладневниот наговор се осврна на 70. годишнината од Декарацијата на Шуман која го вдахна процесот за европска интеграција и на 40. годишнината од апостолското патување на папата Иван Павле II во Западна Африка и на сите мајки им го честиташе Денот на мајките.

Денес посебно мислам на Европа и Африка – рече папата Фрањо по молитвата Царице небесна и истакна, на Европа заради 70. годишнината од Декларацијата на Шуман од 9 мај 1950 година. Таа го вдахна процесот на европската интеграција, овозможувајќи после Втората светска војна, помирување на народите на тој континент и долг период на стабилност и мир во кој денес живееме. Нека духот на Шумановата декарација не престане да ги вдахнува оние кои се одговорни во Европската унија во духот на хармонијата и соработката да се соочат со општествените и економските последици кои ги предизвика пандемијата.

Мислам на Африка затоа што пред 40 години на 10 мај 1980 година, светиот папа Иван Павле II во текот на својата прва пасторална посета на тој континент овозможи да се слушне гласот на народот на Западна Африка кои се искушувани од голема суша – рече Папата и напомена: Денес заедно се радуваме со група млади од Западна Африка и САД заради покренувањето на иницијативата „Лаудато Си дрвја“, чија цел е во Западна Африка да се посадат барем милион стебла кои ќе бидат дел од „големиот зелен африкански ѕид.“ Се надевам дека примерот на солидарност на тие млади многу можат да го следат.

Денес во многу земји се слави „Денот на Мајките“. Благодарствено и со љубов мислам на сите мајки доверувајќи на заштитата на Блажена Дева Марија, нашата небесна Мајка. Мислам и на мајките кои преминаа во другиот живот и кои нè придружуваат од небото – заврши Светиот Отец.

11 мај 2020, 12:23