Пребарување

Vatican News

Папата упати порака до младите Полјаци на 100 роденден на свети Иван Павле II

Папата Фрањо преку видео порака до младите во Краков, по повод одбележувањето на стота годишнина од раѓањето на Карол Војтила, светиот Иван Павле II им порача дека тој е Божјиот дар за Црквата и за Полска.

Беше великан на милосрдието, воодушевен од животот и фасциниран од Божјото таинство, светот и човекот, истакна Папата во пораката која во понеделникот на 18 мај навечер по концертот за млади ја пренесе на првата програма полската државна телевизија.

Потсетувајќи се на Краков по повод Светскиот ден на млади во 2016 година, Папата се осврна на овоземското ходочастие на Карол Војтила кое започна на 18 мај 1920 година во Вадовице, а заврши пред 15 години во Рим. Папата им препорача на млади да ги проучуваат неговите зборови и животот преку интернет страниците.

Во светло на љубовта на Божјото милосрдие, светиот Иван Павле II ја сфатил посебноста и убавината на повиците на мажот и жената, ги разбирал потребите на децата, младите и возрасните. Тој водел сметка и за културните и општествените услови за живот, што можете да го проверите и вие денес запознавајќи го неговиот живот и науката преку интернет, им порача на младите од Полска, папата Фрањо кој во присуство на почесниот папа Бенедикт XVI на 27 април 2014 година го прогласи за свет Иван Павле II.

Папата Фрањо посебно се осврна на неговата љубов и грижата за семејството. Потсетувајќи на средбата за семејства на Институтот Иван Павле II  во Рим во 2019 година, папата Фрањо рече дека науката на Иван Павле II претставува сигурен камен темелник за пронаоѓање конкретни решенија за тешкотии и предизвиците со кои денес се соочува семејството. Секој од вас носи во себе отисок од сопственото семејство со своите радости и таги, личните и семејните проблеми, кажа Папата во својата порака до младите полјаци и истакна дека искушенијата не се пречка за светоста, ниту за среќата како што не биле за Карол, кој во младоста ја загубил мајка му, брат му и татко му. Како студент ги искусил ѕверствата на нацизмот кој му однел многу пријатели. После војната како свештеник и епископ морал да се соочи со безбожниот атеизам. Тешкотиите, рече Папата се испит на зрелоста и верата, испит кој може да се положи само врз основа на Христовата моќ. Човекот кој сака да се спознае самиот себе со своите немири и слабости, мора да му се приближи на Христос, рече Папата изразувајќи надеж дека младите ќе влезат во Христос со целиот свој живот.

19 мај 2020, 10:32