Пребарување

Vatican News
Генерална аудиенција на 13 мај 2020 година Генерална аудиенција на 13 мај 2020 година   (Vatican Media)

Генерална аудиенција: Молитвата е копнеж за средба помеѓу ‘јас’ и ‘Ти’

На Генералната аудиенција во среда 13 мај 2020 година одржана во Апостолската библиотека, папата Фрањо продолжи со серијата катехези за молитвата, која ја започна минатата недела. Молитвата припаѓа на секој човек, на луѓето од сите религии, а најверојатно и на оние кои не исповедаат ниту една. Молитвата се раѓа во нас самите, во нашето срце.

Бог е пријател сојузник, свршеник. Од Бог можеме да бараме сè, можеме сè да му кажеме, во молитвата можеме со него да воспоставиме однос на доверба – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција, која во согласност со посебните мерки одредени поради пандемијата со коронавирусот и денес е одржана во библиотеката на Апостолската палата. Во катехезата зборуваше за молитвата, продолжувајќи, ја започнатата од минатата недела.

Молитвата припаѓа на сите, на луѓето од сите религии, а најверојатно и на оние кои не исповедаат ниту една – рече Папата. Молитвата се раѓа во тајност, во нашата внатрешност, извира од срцето (сп. ККЦ, 2562-2563) кое ги опфаќа нашите чувства, разум и тело. Затоа, целиот човек моли ако моли неговото срце – напомена Папата.

Молитвата е занес, повик кој оди подалеку од нас самите, таа е нешто што се раѓа во длабочината на нашата личност и се шири, затоа што чувствува копнеж за средба. Тоа мораме да го истакнеме: чувствува копнеж за средба, копнеж кој е повеќе од потреба, тоа е пат, копнеж за средба. Молитвата е глас на едно ‘јас“ кое скита, кое оди напред на слеп пат барајќи едно “ти’ – напомена Папата и истакна: Средбата помеѓу ‘јас’ и ‘ти’ не може да се оствари со компјутери, тоа е човечка средба и оди напред тапкајќи многу пати, како би го пронајдел ‘ти’ кој го бара моето ‘јас’

Молитвата на христијанинот извира од објавата; ‘Ти’ не остана обвиткан со тајна, туку влезе во однос со нас. Христијанството е религија која постојано ја слави Божјата ‘објава’, односно неговата епифанија. Бог не останува сокриен, туку на луѓето го нуди своето пријателство. Својата слава ја покажува во сиромаштвото во Витлеем, преку трите мудреци, во крштението на Јордан, во чудото во Кана. Исус е тој кој ни го објави Бог – истакна Папата и додаде дека молитвата значи да се влезе во однос со Божјото нежно лице.

Тоа е првата карактеристика на христијанската молитва. Луѓето секогаш биле научени да се приближуваат на Бог малку исплашени, престрашени од тоа волшебно и страшно таинство; се навикнале да почитуваат однесувајќи се како слуги, ако поданици, кој не сака да го ускрати почитувањето на својот господар. Христијаните пак се обраќаат на него осудувајќи се да го нарекуваат ‘Отец’. И многу повеќе, Исус го користи зборот ‘татенце“ – напомена Папата.

Христијанството од односот со Бог исфрл секаква “феудална“ карактеристика. Во наследството на нашата вера не постојат зборови како што се подаништво, ропство или потчинетост, туку сојуз, пријателство, ветување, заедништво, близина – истакна Папата. Обраќајќи се на своите ученици Исус им вели: Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сè што сум чул од Мојот Отец.. Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане“ (Иван 15, 15-16).

Бог е пријател, сојузник, свршеник – продолжи Папата. Молитвата со него може да воспостави однос на доверба. Навистина во молитвата “Оче наш“ Исус нè научи да му упатиме низа барања. Од Бог можеме да бараме сè – истакна Папата. Можеме сè да му објасниме, сè да му кажеме. Не е важно ако во односот со Бог се чувствуваме виновни, ако не сме добри пријатели, ако не сме благодарни деца, не сме верни сопружници. Тој и понатаму нè сака.

Бог е верен сојузник, ако луѓето престанат да го љубат, Тој продолжува да ги љуби, и покрај тоа што љубовта го води на Голгота. Бог секогаш е блиску до вратата на нашето срце и чека да му отвориме. Понекогаш тропа, но тоа го прави трпеливо, чека. Божјото трпение со нас е како на татко, оној кој нас многу нè сака. Би кажал, тоа е трпение и на таткото и на мајката заедно – истакна Папата и додаде: Бог секогаш е близок до нашето срце, и кога тропа тоа го прави нежно и со многу љубов.

На крајот Светиот Отец ги поттикна верниците да се соберат во молитва во Божјата милосрдна прегратка и да му повторуваат на Бог: Дали е возможно да ја познаваш само љубовта? Тој не познава омраза. Него го мразат, но тој не познава омраза. Познава само љубов. Тоа е Бог на кого се молиме. Тоа е загреаното јадро на секоја христијанска молитва. Бог е љубов, нашиот Отец кој нè чека и придружува – рече на крајот Светиот Отец.

Упатувајќи после катехезата поздрави на повеќе јазици, Папата се спомна на литургискиот празник Богородица од Фатима и потсети на нејзините објави и нејзините пораки упатени на светот, како и на атентатот на свети Иван Павле II, кој неговото преживување го препишува на мајчинското застапништво на Богородица. Да го молиме Бог, преку застапништво на Богородица, мир за светот, крај на пандемијата, дух на покајание и наше преобраќање – поттикна папата Фрањо

14 мај 2020, 11:23