Папата Фрањо Папата Фрањо 

Папата молеше Оче наш за човештвото погодено од големото искушение

Во среда 25 март 2020 година Папата од бибилиотеката на Апостолската палата преку средства за јавно информирање, со сите христијани во светот молеше Оче наш. Тоа беше молитва за ставање крај на пандемијата од коронавирусот

Среде стравовите и вознемиреноста во светот кој е загрозен од пандемијата на коронавирусот, се слушна денес од библиотеката на Апостолската палата во Ватикан молитвата на која Исус нè научи Оче наш, вечниот извор на надежта и единството на христијаните. Тоа беше гласот на папата Фрањо кој го повика Бога да стави крај на пандемијата; молитвата на ранетиот народ, но обединет во молитвата и поглед свртен кон Отецот. Папата кој на Генералната аудиенција повторно упати апел до сите христијани да го повикуваат Семоќниот Бог, минатата недела исто така во текот на молитвата Ангел Господов ги повика сите поглавари и водачи на Црквите и христијанските заедници да се обединат во таа молитва. Тоа беше трогателна молитва со која заедничкиот глас кој се воздигнуваше кон небото беше НИЕ, а не оној индивидуалниот ЈАС.

Драги браќа и сестри денес се сретнавме сите христијани во светот заедно да молиме Оче наш, молитвата на која нè научи Исус – рече Папата воведувајќи во молитвата која беше пренесувана преку Vatican Media и директно преку стриминг на сајтот на Ватикан њуз. Како деца полни со доверба Му се обраќаме на Отецот – рече Папата и истакна, тоа го правиме секој ден повеќе пати, но во овој момент сакаме да молиме милосрдие за човештвото кое страшно е искушувано од пандемијата на коронавирусот. Тоа го правиме заедно, христијаните од сите Цркви и заедници, од сите возрасти и народи.

Да се молиме за болните и за нивните семејства; за здравствените работници и за оние кои им помагаат, за властите, за редарските сили и волонтерите; за службениците на нашите заедници – рече Светиот Отец и напомена: Денес многу од нас го слават Благовест кога во нејзиното „Еве слугинка сум на Господа“ понизно и целосно се одрази „Еве ме“ на Божјиот Син. И ние со целосна доверба се доверуваме во Божјите раце и со една душа и срце молиме.

По воведот, Папата молеше во духот заедно со сите христијани во целиот свет и таа молитва стана „духовен мост“ кој прегрнува, утешува и донесува надеж. Одекнуваа зборовите: Оче наш, Кој си на небесата да се свети името Твое, да дојде Царството твое да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш насушен, дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како што им ги проштаваме и ние на нашите должници и не воведи нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Амин.

Екуменскиот патријарх Вартоломеј се придружи на иницијативата на Папата за да даде заеднички одговор на трпењето на светот. Исто така и Конференцијата на европските Цркви и Екуменското здружение на европски христијански Цркви се обединија во молитвата која ја покрена Папата. Во оваа време на глобална несигурнст – пишува во соопштението од Конференцијата на европските Цркви – потребни ни се знаци на единство и надеж. И кантербурскиот надбискуп Џастин Велби поглавар на англиканската Црква се обедини во молитвата со папата Фрањо и со милионите луѓе во светот.

 

26 март 2020, 09:11