Папата Фрањо во болница во Сан Џовани Ротондо Папата Фрањо во болница во Сан Џовани Ротондо 

Осврт на пораката на папата Фрњо за 28. Светски ден на болните

Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам – (Матеј 11,28) – од оваа реченица од Евангелието според Матеј папата Фрањо ја гради пораката за 28. Светски ден на болните, кој се одбележува на 11 февруари. Токму во тоа ‘дојдете при мене’ се гледа милосрдното Исусово однесување кон ранетото човештво, оној негов поглед кој продира во длабочина, кој прифаќа и нежно лекува. Папата во пораката го истакнува пристапот до болниот, кој освен лекување на телото, има потреба и од грижа за личноста и неговото семејство, ослабнато од тоа искушение.

Затоа ги повикува лекарите и здравствените работници пред границите на науката да се отворат за натприродното, да остнат доследни во помагањето на животот и човекот. Папата исто таа ги поттикнува властите и институциите во име на општествената праведност да обезбедат лекување на најслабите и најсиромашните, и на посебен начин се заблагодарува на волонтерите.

Исус го дава своето милосрдие

Папата Фрањо, освен тоа, потсетува дека Исус ги повикува оние кои страдаат да дојдат кај Него, заради утеха и одмор, во неговото срце сиромашните, болните, грешниците, оние кои се оставени на периферијата од законите и угнетувачкиот општествен систем и кои во Неговите зборови пронаоѓаат надеж. Оние кои живеат во тешкотии поради својата кревка состојба, болки и слабости, Исус Христос не им наметнува закони – напиша Папата – туку го дава своето милосрдие. Неговиот поглед оди во длабочина, го прифаќа секој човек, не отфрлајќи никого.

Кој искусил слабост може да биде утеха

Кој искусил болка и примил утеха од Отецот може потоа да помогне на другите. Папата го истакнува тоа во пораката, потсетувајќи дека пред тешките облици на страдања понекогаш се чувствува недостаток од човечност; затоа се покажува потребата да се персонализира пристапот со болниот, додавајќи му на лекувањето грижа за целосно оздравување на личноста. Тука, имено не е во игра само телесната димензија, туку и димензијата на однесување, како и она интелектуалната, чувствата и духовната. Освен терапијата, треба да се даде и љубов, исто така и на семејството кое се грижи за личноста која страда.

Црквата – престојувалиште на Добриот Самарјанин

Во мракот на болеста Исус со својот поглед станува светлост, сила за минување низ болката. Црквата на тој начин сака да биде повеќе и подобро ‘престојувалиште’ на добриот Самарјанин, кој е Христос, односно куќа во која може да се пронајде неговата милост – објасни Папата. Тоа е место на кое се сретнуваат луѓе оздравени од своите слабости преку Божјото милосрдие, оспособени да го носат крстот, правејќи од сопствените рани отвори низ кои се гледа подалечен хоризонт од болеста и добиваат светлост и воздух потребни за живот.

Услуга упатена на достоинството на човекот

Скапоцена е службата на здравствените работници, лекарите, болничарите, медицинскиот и административниот персонал, помошните лица, како и волонтерите кои работат стручно овозможувајќи да се почувствува Христовата присутност. Станува збор за мажи и жени со слабости, но кои ја примиле Исусовата утеха. Папата Фрањо им советува именката ‘личност’ да ја стават пред придавката ‘болна’, затоа што токму во тој поглед е заштитата и на секој човечки живот, без никакво попуштање на делата со евтаназиска природа, потпомогнати самоубиства или прекинување на живот, па и тогаш кога болеста не е излечива  - истакна Папата.

Животот е свет

Затоа е потребно да се отвориме за натприродната димензија која може да даде смисла на медицинското занимање – советува Папата. Да се потсетиме дека животот е свет и припаѓа на Бог, затоа е неповредлив и не може со него да се располага. Животот треба да се прифати, штити, почитува и да му се служи од неговото раѓање до неговата смрт. Според тоа, приговор на совест значи да се остане доследен на она ‘да’ во однос на животот и човекот.

Пристап за лекување

Папата исто така упати апел до здравствените установи и власти во сите земји во светот, да обезбедат соодветно лекување на сиромашните и оние кои немаат пристап за лекување, во име на општествената праведност која често се занемарува поради економските гледања. На крајот од пораката благодари  посебно на волонтерите, кои по примерот на добриот Самарјанин, со дела на нежност и близина се жртвуваат за да би ги надоместиле структурните недостатоци.

11 февруари 2020, 10:32