Пребарување

Vatican News
Папа Фрањо за време на Генералната аудиенција во Салата Павле VI (Ватикан медиа) Папа Фрањо за време на Генералната аудиенција во Салата Павле VI (Ватикан медиа)  (Vatican Media)

Генерална аудиенција: Да дозволиме другите да ни го пробијат срцето

Папа Фрањо за време на Генералната аудиенција која се одржа на 12 февруари 2020 година поттикна да се измориме молејќи прошка од Господ за своите гревови и да се отвориме за љубовта, имајќи го другиот во срцето.

Да дозволиме другите да ни го пробијат срцето - рече папа Фрањо во катехезата која на Генералната аудиенција во Салата Павле VI повторно ја посвети на блаженствата. Папата го молеше Господ да нѐ направи мажи и жени на милосрдието и сочувството, отворени на великодушната љубов преку насмевка, близина, служење, па и плачење. Концентрирајќи се на второто блаженство: „Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!" Светиот Отец говореше за внатрешната жалост која нè отвара за однос со Господ и ближниот. Тоа е обновен однос зашто плачеме во својата внатрешност - истакна Папата.

Во Светото Писмо, плачот може да има две димензии, оној поради смрт и нечие трпение, и оној поради сопствениот грев, кога срцето крвари поради жалост зашто сме го повредиле Бог и ближниот - рече папа Фрањо и напомена: Значи, се работи за солзи поради некој кој ни е драг, зашто го губиме или е лошо, или пак зашто сме му нанеле страдање. На другиот му посакуваме добро на таков начин да се врземе за него до тоа ниво што со него ја делиме болката. Има луѓе кои држат растојание или се повлекуваат чекор назад. Наместо тоа, важно е да дозволиме другите да ни го пробијат срцето.

Постојат натажени кои треба да се утешат, но понекогаш и утешените треба да се растажат, да се разбудат, оние кои имаат камено срце, кои заборавиле да плачат - рече Светиот Отец и забележа: Има луѓе кои треба да се вознемират зашто не знаат да сочувствуваат со другите кои страдаат. Тагувањето е горчлив пат, но може да ни користи за да ги отвориме очите за животот и светот, незаменлива вредност на секоја личност, и во тој момент да станеме свесни колку времето е кратко.

Второто значење на ова парадоксално блаженство е плачењето поради гревот - рече папа Фрањо и истакна: Постојат оние кои се лутат зашто згрешиле, но тоа е гордост. Ги има и оние кои плачат заради злото кое го направиле, поради доброто кое го пропуштиле и затоа што го издале односот со Бог. Тоа е плач зашто не љубеле, кој произлегува од срцето во кое се наоѓаат другите. Плачеме зашто не сме во согласност со Господ кој толку многу нѐ љуби, и тажни сме поради добрата кои не сме ги направиле. Тоа е чувство за гревот. Тогаш велиме: Го повредивме оној кој го љубиме и тоа нѐ боли сѐ до солзи.

Нека е благословен Бог ако дојдат тие солзи! Се работи за сопствени грешки со кои мораме да се соочиме. Тоа е тешко, но важно - рече Папата и објасни: Има разлика помеѓу свети Петар и Јуда. Плачот на свети Петар прочистува, го води кон нова и вистинска љубов; го погледна Исус и заплака со обновено срце. Јуда не прифати дека погрешил и јадниот се уби. Тоа е милост за која мора да молиме: Господи, помогни ни да го разбереме злото кое сме го направиле и кое можеме да го направиме.

Тоа е голем дар и откако сме го разбрале тоа доаѓа плачот на каењето - рече Светиот Отец и напомена: Како и секогаш, христијанскиот живот најдобро се изразува со милосрдие. Мудар и блажен е оној кој ја прифаќа болката која е поврзана со љубовта, зашто ќе прими утеха од Светиот Дух кој е Божја нежност која простува и поправа. Не смееме да заборавиме дека Бог секогаш ги простува и најлошите гревови. Проблемот е во нас кои се изморуваме да молиме за простување, се затвораме во себе и не бараме простување, но Бог е секогаш тука да прости. Поттикнувајќи да живееме во милосрдие и сочуство за да се роди во нас љубов, и поздравувајќи ги сите верници и поклоници, папа Фрањо на крајот потсети на Светскиот ден на болните и додаде: Многу се оние кои во нашето општество, во светот и во семејствата страдаат заради болести. Нека Господ им даде сила, трпение и милост на оздравување. Секогаш се сеќаваме и ги следиме со молитва, близина и конкретни гестови на сочувство и нежна љубов.

13 февруари 2020, 14:22