Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо во Пуерто Малдонадо, Перу Папата Фрањо во Пуерто Малдонадо, Перу  

Објавен е Постсинадалниот Апостолски поттик за Амазонија „ Драга Амазонија“

Во среда 12 февруари 2020 година во Ватикан е објавен постсинодалниот Апостолски поттик на папата Фрањо со наслов „Querida Amazonia” (Драга Амазонија), која е плод на Специјално собрание на Епископската синода за Панамазонското подрачје, која се одржа од 6 до 27 октомври 2019 година на тема: Амазонија: нови патишта за Црквата и целосна екологија

Документот е поделен на четири глави, односно „големи соништа“, за кој Папата за регионот на Амазонија зборува на следните теми: социолошка, културолошка, еколошка и еклезиолошка.

„Сонувам за Амазонија која се бори за правата на сиромашните, домородните народи и најмалите наши браќа и сестри, каде нивниот глас може да се слушне и каде нивното достоинство се промовира. Сонувам за Амазонија која го брани своето карактеристично културно богатство, каде убавината на нашето човештво сјае во многу различни облици. Сонувам за Амазонија која љубоморно ја чува својата неодолива природна убавина, која ја краси пред сè богатството на животот, кој ги исполнува нејзините реки и шуми. Сонувам христијански заедници способни да се ангажираат и да се вкоренат во Амазонија и да даде на Црквата ново лице со амазонски обележја“ – истакнува Папата.

Папата истакнува дека Амазонија е мултинационална и меѓусебно поврзана целина, сјаен биом кој го делат девет земји: Бразил, Боливија, Колумбија Еквадор, Гвајана, Перу, Суринам, Венецуела и територијата на Француска Гвајана. Но овој Апостолски поттик го упатувам исто така и на целиот свет. Тоа го правам како би ја поттикнал љубовта и грижата за земјата, која исто така е ‘наша’.

Сè што Црквата нуди мора на оригинален начин да го внесе во секој дел од светот како Христовата свршеница би можела да прима различни лица, кои подобро го покажуваат неисцрпното богатство на Божјата милост. Проповедувањето мора да биде живо и длабоко вкоренето, духовноста мора да биде жива и длабоко вкоренета, црковните структури мора да бидат живи и длабоко вкоренети, истакнува Папата.

Во документот генерално не се спомнуваат зборовите ‘целибат’ ниту пак изразот “viri probati”, но Папата истакнува дека мора да се пронајдат начини на народите во Амазонија да им се обезбеди Евхаристија и света Тајна исповед.

Во 90. точка Светиот Отец ги повикува сите „епископи, посебно оние од Латинска Америка“ да ја промовираат молитвата за свештенички звања, но и да бидат „великодушни во охрабрувањето на оние кои покажуваат мисионерски повик да го изберат Амазонскиот регион“.

Во четири точки (99-103) се зборува за „силата и дарот на жената“ за Црквата во Амазонија. Во Апостолскиот поттик се зборува дека и покрај недостатокот на свештеници на тие простори важна улога одиграле „силните и великодушни жени, кои без сомнение, повикани и поттикнати од Светиот Дух, ја делеле светата Тајна Крштение, одржувале веронаука, се молеле и се ангажирале како мисионерки. Со векови жените ја одржувале Црквата жива на тие места со својата посебна побожност и длабока вера“. Но Папата истакнува дека не смееме „да го ограничиме своето разбирање за Црквата според нејзините функционални структури“. Таков редукционизам би нè довел до уверување дека на жените ќе им биде доделен поголем статус и можност за ангажирање во Црквата само ако ѝ се дозволи пристап до светите редови. Но тој пристап всушност би ја намалил нашата визија. Тоа би не довело до клерикализација на жените, би ја намалила големата вредност на она што веќе го имаат постигнато и суптилно би се направил нивниот неопходен придонес да биде помалку плоден“ - се наведува во текстот.

Во документот Папата остро ја критикува „конзумеристичката визија“, која како се вели, уништува култури и истакан дека мора да се бориме против „постмодернистичката колонизација“.

Иако не се спомнува Амазонски литургиски обред, Папата подржува воведување на елементи на домородни песни, чинови и симболи во Литургијата.

Апостолскиот поттик во Канцеларијата за печат при Светиот Престол ја презентира генералниот секретар на Епископската синода, кардинал Лоренцо Балдисери, потсекретарот во Одделот за мигранти и бегалци во Дикастеријата за целосен човечки развој и специјалниот секретар на Епископската синода за Панамазонскиот регион, кардинал Мајкл Черни, С.И., теолог и професор по духовност на Папскиот универзитет Грегоријана, о. Аделсон Араухо дос Сантос, С.И., с. Августа де Оливеира, С.М.Р. и професорот Карлос Нобре, научник, добитник на Нобелова награда во 2007 година.

13 февруари 2020, 10:28