Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо крштева дете во Сикстинската капела Папата Фрањо крштева дете во Сикстинската капела  (ANSA)

Папата: За детето крштението е многу важно

Да крстиш дете е чин на правда за него; да се грижиш децата да растат со силата на Светиот Дух – рече папата Фрањо во проповедта на празникот Крштение Господово, кога крсти 32 новороденчиња, 17 момчиња и 15 девојчиња.

Како што е традицијата, папата Фрањо за време на светата Литургија на празникот Крштение Господово, во прекрасната атмосфера во Сикстинската капела и во присуство на родителите, кумовците и роднините кои беа полни со воодушевување и радост им ја подели светата Тајна Крштение на 32 новороденчиња, 17 момчиња и 15 девојчиња.

Крштението за дете е чин на правда, затоа што со крштението му даваме богатство и залог, односно Светиот Дух – рече Папата во проповедта и истакна, детето после тоа оди со силата на Светиот Дух Кој е во него. Тој е Светиот Дух Кој ќе го штити и ќе му помага цел живот. Заради тоа е многу важно да ги крстиме како деца, затоа што растат со силата на Светиот Дух. Тоа е пораката која денес сакам да ви ја дадам.

Денес своите деца ги донесувате за да го имаат Светиот Дух во себе; грижете се да растат во светлината и силата на Светиот Дух – рече Светиот Отец и напомена, на сето тоа ќе помогне катехезата, поуката и примерот кој ќе им го дадете во семејството. Не се обеспокојувајте ако децата започнат да плачат затоа што не се навикнати на Сикстинската капела, на свечената облека која им ја облековте за овој празник и ако биде малку непријатно во овој простор.

Концертот сè уште не е започнат – се пошегува папата Фрањо, мислејќи на плачот на децата и истакна. Тие тоа го работат корално, доволно е едно дете да започне да плаче, тогаш сите почнуваат и се создава концерт. Не се збунувајте ако детете започне да плаче, затоа што можеби премногу му е топло, можеби треба нешто да му соблечете, можеби е гладно, нахранете го на мир. Кога детето плаче во црквата тоа е убава проповед и тогаш треба да се проба да се најде начин добро да се чувствува и да се оди понатаму – рече Папата.

Воодушевувањето и радоста посебно се чувствителни кога родителите се приближуват до крштелниот кладенец, заедно со браќата и сестрите на оној кој се крштева. Папата нивните имиња ги изговори едно по едно на толку важен ден од животот на новороденчињата. Имено, и самиот често ги поттикнува сите да го паметат датумот на своето крштение, врежувајќи го во срцето затоа што тоа е денот кога сме родени за живот со верата.

13 јануари 2020, 19:13