Пребарување

: Екуменска делегација на Финската Лутеранска црква (Ватикан медиа) : Екуменска делегација на Финската Лутеранска црква (Ватикан медиа) 

Папата до финските лутерани: Кој дава гостопримство е побогат

Папа Фрањо вчера на аудиенција ја прими екуменската делегација на Финската лутеранска Црква и во таа пригода истакна дека гостопримството е дел од заедничкото сведочење на верата.

Духовниот екуменизам и екуменскиот дијалог служат за продлабочување на искуството „да се биде заедно“ – рече папа Фрањо примајќи ја во аудиенција екуменската делегација на Финската лутеранска Црква која е на поклонение во Рим по повод празникот на свети Хенрик, заштитник на таа скандинавска земја. Сите христијани се на патот во заедништво на верата – рече Папата и потсети: Минатата недела го славевме празникот на Крштението на Господ. Благодарноста за крштението нѐ обединува во заедницата на сите крстени. Крштението за опрстување на гревовите, исто така, е јасен повик на светост.

Драги фински пријатели, како гласници на човештвото и како примачи на доброта од овоплотувањето на Бог, заедно сме на патот во заедницата на сите крстени – рече Светиот Отец и истакна: Христијаните се оние кои може да заблагодарат за своето крштение. Таа благодарност ги поврзува и проширува нашите срца, ги отвора за ближниот кој не е непријател, туку наш љубен брат и сестра. Заедницата на сите крстени не е само „да се биде еден покрај друг“, и сигурно не е “да се биде еден против друг“, туку сѐ повеќе сака да стане „да се биде заедно“.

Гостопримството, исто така, е дел од заедничкото сведочење на верата – рече папа Фрањо и напомена: Неделата на молитвата за единство на христијаните која започнува во сабота 18 јануари, ни ја покажува таа екуменска вредност и особено ни ја препорачува. „Ни укажаа необична човекољубивост“ (Дела 28, 2) вели свети Павле, осврнувајќи се на жителите на островот Малта кои него заедно со стотината бродоломци ги примиле многу гостољубиво.

Како крстени христијани веруваме дека Христос сака да нѐ сретне токму во оние личности кои доживеале бродолом во буквално и преносно значење – рече Папата и додаде: Кој подари гостопримство, не станува посиромашен, туку побогат. Оној кој дарува, прима во свое време. Имено, хуманоста која ја искажуваме на другите чудесно нѐ прави учесници на добрината на Бог кој стана човек.

Среќавајќи ја екуменската делегација на Финската лутеранска Црква минатата година, Светиот Отец во таа прилика истакна дека екуменскиот пат на сите христијански Цркви кои сѐ уште се разделени е „важно барање“ на нашата вера. Тоа е барање кое произлегува од тоа што сме Христови ученици и тоа е пат без враќање, кој нема алтернатива. Заедничкото завземање за екумензизмот е важно барање на верата која ја исповедуваме, барање кое произлегува од самиот наш идентитет како Исусови ученици. Додека го следиме истиот Господ како Негови ученици, сѐ повеќе сфаќаме дека екуменизмот е пат без враќање, како што непрекинато истакнуваа папите од Вториот ватикански концил па понатаму– рече Папата.

22 јануари 2020, 20:44