Пребарување

Папата Фрањо на аудиенција со Дипломатскиот кор Папата Фрањо на аудиенција со Дипломатскиот кор 

Папата до Дипломатскиот кор: Македонија е мост помеѓу Исток и Запад

Папата Фрањо на 9 јануари во аудиенција за членовите на Дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол, ги наречe Бугарија, Македонија и Романија мост помеѓу Исток и Запад

Во својот говор до дипломатските претставници од 183 акредитирани земји се осврна и за најновата американско – иранска криза и ја истакна потребата од дијалог и почитување на меѓународните закони.

Папата истакна дека во иднината гледа со надеж, но и покрај тоа надежта бара и реализам, потребно е проблемите да се наречат со вистинското име. Атмосферата во новата година не е опфатена со охрабрувачки знаци, туку со заостерени напнатости и насилства. Но, не смееме да престанеме да се надеваме – истакна Папата. Посебно загрижувачки го нарече заострувањето на напнатоста помеѓу САД и Иран која го поставува во „тешко искушение“ спориот процес за обнова на Ирак и создава основа за судир со пошироки размери. Светиот Отец ги повика сите заинтересирани страни да го избегнуваат понатамошното заострување на односите и да го држат запален пламенот на дијалог и самоконтрола, со потполно почитување на меѓународните закони.

Во својот говор Папата го осуди злоставувањето на малолетниците. Тоа се злодела кои го навредуваат Бог и предизвикуваат физички, психолошки и духовни штети и предложи итна промена на воспитните мерки, давајќи предност на семејствата и да се овозможи на Црквата и разни установи да соработуваат со неа во корист не само за децата и младите, туку и за целата општествена заедница.

Папата истакна дека младите со својот занес можат како на политичко, така и еколошко поле да помогнат во сензибилизација на општеството. Папата Фрањо смета дека нерамноправноста и корупцијата стануваат сè повеќе распространети и тоа е главната причина за судири во Латинска Америка. Светиот Отец посебно се осврна на важноста на меѓуверскиот дијалог и предложи на Ерусалим да му се признае единственоста и светоста за сите монотеистички религии. Своето размислување го прошири на целата Света Земја, повикувајќи ја меѓународната заедница да го подржи израелско- палестинскиот мировен процес. Таа обврска се однесува и за некои други области на Блискиот Исток. Папата Фрањо предупреди на опасноста од молчењето за Сирија, со што сака да се сокрие војната која ја разруши таа земја. Потребно е, според убедувањето на Папата, во текот на оваа деценија да се пронајде мировно решение и обнова за сирискиот народ, како и за бегалците во Јордан и Либан.

Папата е загрижен и за ситуацијата во Јемен, кој поминува низ една од најтешките хуманитарни кризи во поновата историја, како и за Либија, која е преплавена со екстремисти, што претставува плодно тло за трговија со луѓе. Папата ја повика Европа да не го изгуби оној дух на солидарност со кој се одликува со столетија, па и во најтешките моменти од својата историја. Тој додаде дека Бугарија, Македонија и Романија се како мост кој ги спојува Исток и Запад.

Светиот Отец ги повика дипломатските претставници да го подржи дијалогот и да ги почитуваат меѓународните закони, како би се решиле бројни судири, кои сè уште постојат во повеќе делови од светот. Папата Фрањо на крајот предупреди на опасноста од нуклеарното оружје и повторно ја осуди не само неговата употреба, туку и самото поседување.

10 јануари 2020, 07:47