Пребарување

Vatican News
Папата ги поздравува верниците собрани на стадионот Токио Доме каде служеше света Литургија; Токио 25 ноември 2019 Папата ги поздравува верниците собрани на стадионот Токио Доме каде служеше света Литургија; Токио 25 ноември 2019  (AFP or licensors)

Папата во Јапонија: Надминете го натпреварувањето заради профит; прифатете го секој живот

За време на светата Литургија служена во Јапонија на стадионот Токио Доме, папата Фрањо поттикна на размислување за нашите секојдневни одлуки за да не бидеме заробени или изолирани во барањето за успех по секоја цена. Исто така ја истакна светоста на животот кој треба да се прифати со неговите слабости и несовршености

Да се биде пророчкиот квасец во општеството кое сѐ повеќе го штити и се грижи за секој живот, соработувајќи и дијалогизирајќи со сите, исто така и со оние кои имаат поинакви верски уверувања – поттикна папата Фрањо зборувајќи на христијаните во Јапонија, во општество со многу развиена економија во кое меѓутоа – како што истакна, не мал број луѓе остануваат на работ. На затворениот стадион во Токио се собраа повеќе од 50.000 верници. Папата служеше света Литургија на латински јазик, за дарот на човечкиот живот, во согласност со темата на тоа апостолско патување која повикува на заштита на секој живот.

Во Исус пронаоѓаме нов живот, во кој можеме да ја искусиме слободата на спознанието дека сме сакани деца – рече Папата и истакна: Сепак, свесни сме на фактот дека за време на патот, таа синовска слобода може да биде пригушена и ослабена кога сме затвореници во затворениот круг на немирот и компетитивноста или кога целото свое внимание и својата најдобра енергија ја фокусираме на мачната и френетична потрага за продуктивност и консумизам како единствен критериум за мерење и потврдување на своите одлуки или за да утврдиме кои сме и колку вредиме.

Станува збор за мерка која малку по малку нѐ прави рамнодушни и нечувствителни на важните работи, поттикнувајќи срцето да чука за оние сувишни и минливи работи. Колку души ги притиска и ограничува грижата за тоа да веруваме дека сѐ може да се произведе, сѐ да се освои и сѐ да се контролира – исткакна Папата и се осврна на претходната средба со младите, рече дека семејниот дом, училиштето и заедницата кои би требало да бидат места на кој секој поддржува и помага на другите, сѐ повеќе расипува заради претераното натпреварување во барањето на профитот и делотворноста. Многу луѓе се чувствуваат збунети и немирни, притиснати се од претерани барања и грижи кои им го одземаат мирот и рамнотежата.

Исус нѐ повикува да не се вознемируваме и да имаме доверба – рече Папата, сигурно не занемарувајќи го она што се случува околку нас или станувајќи непромислени кон своите грижи и секојдневните одговорности. Господ не ни кажува дека основните потреби како храна и облека не се важни, туку нѐ повикува да ги разгледуваме своите секојдневни одлуки за да не останеме заробени или изолирани во барањето на успехот по секоја цена па и по цена на животот.

Модерното однесување кое бара и се стреми само за сопствената корист или да јаде во овој свет и егоизмот кој ја сака индивидуалната среќа, всушност само нѐ прави несреќни и робови, освен што пречи на развојот на навистина хармоничното и хумано општество. Спротивноста на изолираното, осамено и дури загушено „јас“ може единствено да биде „ние“, поделено, славено и пренесено на другите – рече папата Фрањо.

Тој Господов повик потсетува дека светот е полн со живот и убавина, пред сѐ прекрасен дар на убавината и добрината на Создателот кој треба да се понуди на другите и да се подели со нив – рече Папата и предупреди, и тоа не како „господари или сопственици“, туку како учесници во истиот сон на Создателот, како што е објаснето и во енцикликата Лаудато си.

Пред таквата реалност како христијанска заедница сме повикани да го заштитиме секој живот и мудро и храбро да сведочиме стил на живот обележан со бесплатност и сочувствување, великодушност и едноставно слушање, стил кој е способен да го прегрне и да го прифати животот таков каков што се покажува со сите негови слабости и маленкости, а често и со  сите негови противречности и недостаток на смисла – рече Папата и ги поттикна сите да бидат заедница која развива педагогија способна да изрази добредојде на сѐ што не е совршено, затоа што е достојно за љубов.

Навестувањето на Евангелието нѐ поттикнува и бара од нас како заедница да станеме „полска болница“ подготвена да ги лекува раните и секогаш да го понуди патот на помирувањето и простувањето. За христијанинот единствено можно мерило со кое може да суди на секој човек и на секоја ситуација е мерилото на сочувствителноста на Отецот кон сите свои деца – рече на крајот папата Фрањо.

26 ноември 2019, 19:46