Пребарување

Света Литургија во базиликата Свети Петар по повод III Светски ден на сиромашните. Света Литургија во базиликата Свети Петар по повод III Светски ден на сиромашните. 

Папата: Сиромашните ни го олеснуваат пристапот до небо

Папата Фрањо служеше света Литургија по повод Светскиот ден на сиромашните во базиликата Свети Петар. Поттикна да го прифатиме нивниот крик за помош како повод да излеземе од своето јас.

Сиромашните ни го олеснуваат пристапот до небото. Прифатете го нивниот крик! – поттикна папата Фрањо на светата Литургија во базиликата Свети Петар по повод Светскиот ден на сиромашните. Исус во Евангелието за денешната Литургија ги изненадува своите современици и нас – рече Папата и истакна: Иимено, токму кога се величал ерусалимскиот храм рекол дека од него нема да остане ниту камен на камен (Лк 21, 5-19). Зошто тоа го кажал за толку света институција која не била само градба, туку и единствениот верски знак и дом на Бог и на верниците? Зошто пророкувал дека цврстата сигурност на Божјиот народ ќе се сруши?

Исус ни вели дека речиси сѐ ќе помине. Речиси сѐ, но не сѐ – рече Светиот Отец и напомена: Ооваа претпоследната недела од литургиската година ни објаснува дека претпоследните работи ќе се срушат и поминат, а не оние последните. Храмот ќе се сруши, но не и Бог; царства и настани, но не човекот. Ќе поминат претпоследните работи кои често изгледаат како конечни, но не се. Работите кои ни изгледаат големи и важни ќе се срушат, но ќе остане живиот Бог Кој е бесконечно голем од секој храм и нашиот ближен кој е повреден од сѐ на светот.

Исус нѐ предупредува на искушението на брзање и вели дека не смееме да го следиме оној кој вели дека крајот доаѓа веднаш и дека е блиску – рече папата Фрањо и продолжи Не треба да се следи оној кој шири брзање и поттикнува на страв од другиот и од иднината, затоа што стравот го парализира срцето и паметот. Исто така колку пати кога сакаме „сѐ и веднаш“ дозволуваме да нѐ заведе брзањето и апетитите на љубопитноста, последните скандалозни вести, матните приказни, викот на оние кои се најгласни и на оние кои велат „сега или никогаш повеќе“.

Но, тоа брзање, тоа „сѐ и веднаш“ не доаѓа од Бог – рече Папата и додаде: Ако се измачиме со тоа „веднаш“, го забораваме сето она што останува засекогаш; јуриме за облаците кои поминуваат и го губиме од вид небото. Привлечени од последниот вик не наоѓаме повеќе време за Бог и за братот кој е покрај нас. Тоа е денешната реалност! Во избезуменото трчање и освојувањето на „сѐ и веднаш“, сметаат оние кои заостануваат. Многу работи, неродените деца и сиромашните се сметаат за отпад и некорисни. Се брзаме, не водејќи грижа за далечините кои се зголемуваат и алчноста на неколкумина, кои го зголемува сиромаштвото на многумина.

Исус денес како против отров на брзањето на секому му ја предлага истрајноста – рече Светиот Отец и истакна: Постојаност значи секој ден да се оди понатаму, гледајќи во она што не поминува, а тоа се Господ и ближниот. Затоа истрајноста е Божји дар со кој се чуваат сите други Негови дарови. Да се молиме за секој од нас и за Црквата за да истраеме во доброто и да не го загубиме од вид она што е важно. Со зборовите „Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе зборуваат оти сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!“ Господ сака да нѐ одврати од искушението на нашето јас.

Како што христијанинот не бара „веднаш“, туку „секогаш“, така не е ученик на тоа „јас“, туку на она „ти“ – рече папата Фрањо и објасни: Не ги следи своите хирови, туку повикот на љубовта, односно Исусовиот глас. „Мнозина ќе дојдат во мое име“ – рече Господ, но не смееме да ги следиме. Не е доволна само ознаката дека некој е христијанин или католик за да биде Исусов. Потребно е да зборува со истиот јазик како Исус, со јазикот на љубовта и онаа „ти“. Оној кој вели „јас“, не зборува со Исусовиот јазик, туку оној кој излегува од неговото сопствено „јас“.

Колку пати, па и додека правиме добро, царува лицемерието на нашето јас – рече Папата и истакна: Правиме добро за да нѐ сметаат за добри. Даруваме за да примиме во свое време. Помагаме за да привлечеме пријателство на некоја важна личност. Така зборуваме со јазикот на своето јас. Инаку, Словото Божјо поттикнува на милосрдна љубов која не е лицемерна; односно да даваме на оние кои немаат да ни возвратат, да служиме и да не бараме награда и возврат. Па, можеме да се запрашаме: „Помагаме ли некому кој нема да ни возврати? Имаме ли ние христијаните барем еден сиромав за пријател?

Сиромасите се скапоцени во Божјите очи затоа што не зборуваат со јазикот на своето јас; не се поддржуваат со сопствените сили, потребни се им оние кои ги водат за рака – рече Светиот Отец и напомена: Потсетувајќи нѐ дека Евангелието така се живее, како просјак кој му се обраќа на Бог. Присуството на сиромашните нѐ враќа во атмосферата на Евангелието, таму каде се блажени сиромашните во духот. Па, наместо да се чувствуваме дека ни сметаат кога тропаат на нашата врата, можеме да го прифатиме нивниот крик за помош како повик за да излеземе од своето јас, да ги прифатиме со истиот поглед на љубовта кој Бог го има кон нив. Колку би било убаво кога сиромашните во нашето срце би го имале истото место кое го имаат во Божјото срце! Ако сме со сиромашните и служејќи им на сиромашните учиме да го прифаќаме Исусовиот вкус, сфаќаме што останува и што поминува.

Меѓу многу претпоследни работи кои поминуваат Господ денес сака да нѐ потсети на последната која ќе остане засекогаш. Тоа е љубовта, затоа што Бог е љубов и сиромав кој ја бара нашата љубов, нѐ води директно до Бог. Сиромашните ни го олеснуваат пристапот до небото. Тие се наше богатство и на Црквата веќе сега. Имено, ни го откриваат богатството кое никогаш не остарува, кое ги поврзува небото и земјата, и за кои навистина вреди да се живее. Тоа е љубовта – заврши папата Фрањо.

18 ноември 2019, 12:10