Пребарување

Внатрешноста на базиликата свети Иван Латерански Внатрешноста на базиликата свети Иван Латерански 

Папата: Нема срце во кои Христос не би сакал повторно да се роди

На литургиското славење по повод празникот Посвета на Латеранската базилика, папата Фрањо ги повика верниците во Римската бискупија новата доба на евангелизација да ја живеат со духовна леснотија. Во текот на прославата Папата им даде мандат на пасторалните тимови.

Папата Фрањо на 9 ноември попладне во Латеранската базилика го предводеше Литургиското славење по повод празникот посвета на таа римска базилика. Осврнувајќи се на литургиските читања, Светиот Отец на почетокот на проповедта цитираше зборови од Псалм 45: „Речните потоци го веселат Божјиот град, Севишниот го осветли живеалиштето Свое.“ и истакна дека христијаните се како река која извира од храмот, донесувајќи збор за живот и надеж која е во состојба да ги направи плодни пустините на срцата. Тие стануваат радосни навестители, одлучни делители на богатството на Словото и работат за општото добро. Бог е тајната на тие нови животни сили – рече Папата.

Нека Господ се радува кога нас нѐ гледа во движење, со подготвени срца да ги сослушаме Неговите сиромашни кои викаат – рече Светиот Отец и поттикна: Да се запознаат другите, да се стапи во дијалог со нив, да се слушаат понизно, бесплатно и во сиромаштвото на срцето; ве повикувам сите тоа да го живеете, не како тежок напор, туку со духовна леснотија.

Од римските епископи папата Фрањо пак побара да ја сочуваат заедницата од секоја световност и лошите компромиси. Исто така ги поттикна доверената заедница да ја одбранат од грабливите волци кои сакаат да ги оделат од Евангелието единствениот темел на секоја духовна градба.

Римските свештеници, Светиот Отец ги нарече мудри архитекти по примерот на свети Павле заради нивната свесност дека Црквата се раѓа само од Божјото Слово, од онаа страна на успехот и непосредните признанија. Од кога сум римски епископ поблиску запознав многу од вас. Се восхитував на вашата вера и љубовта кон Господ, близината со луѓето и великодушноста во грижата за сиромашните. Ги познавате квартовите на градот како никој друг и во срцето ги носите лицата, насмевките и солзите на мноштво луѓе – рече Папата и додаде: Ги отфрливте идеолошките спротивности и личните интереси за да направите место за она што Бог од вас го бара. Реалноста на оној кој со двете нозе е на земјата и знае „како стојат работите во овој свет“ не ве спречи да летате високо со Господ и да сонувате големи работи.

Осврнувајќи се на евангелскиот дел кој го опишува Исус како ги растерува трговците од храмот, Папата истакна дека не постои човечко срце во кое Христос не би сакал или не би можел повторно да се роди. Често ни се случува во текот на животот, како грешници, да се одалечиме од Господ и да го гаснеме Неговиот Дух. Да го уништуваме Божјиот храм кој сме сите ние. Сепак таа состојба никогаш не е безизлезна. На Господ му се доволни три дена за да го обнови својот храм во нас – рече Светиот Отец.

Никој без разлика колку бил ранет од злото на оваа земја не е осуден да биде секогаш одвоен од Бог – рече папата Фрањо и додаде: Често на таинствен, но на реален начин Господ во срцата отвора нови пукнатини, желби за вистината, добрината и убавината кои создаваат простор за навестувањето на Евангелието. Понекогаш може да се наиде на недоверба и непријателство; не смееме да дозволиме тоа да нѐ блокира, туку повеќе да го негуваме уверувањето дека на Бог му се доволни три дена за да го воскресне Својот Син во човечкото срце. Таква е приказната и за некој од нас; длабоко преобраќање плод на непридвидливото делување на милостите – истакна Светиот Отец и на крајот посака сите да растеме во верата во Воскреното Таинство.

10 ноември 2019, 07:50