Пребарување

Vatican News
Канонизацијата на новите светци на Црквата Канонизацијата на новите светци на Црквата  (ANSA)

Папата Фрањо: Новите светци се „нежни светла“ во темнината на светот

Повикување, одење и благодарност се трите фази на вера на кои папата Фрањо се фокусираше во проповедта недела 13 Октомври за време на светата Литургија, која ја служеше по повод канонизацијата на пет нови светци. Папата потсети дека молитвата е лек за срцето; дека верата е заедничко одење, а благодарноста е наједноставниот и најкорисниот збор.

Да повикуваме, да одиме и да се заблагодариме се трите фази на вера кои ги карактеризираат лепрозните во евангелието од денешната литургија - рече папата Фрањо на плоштадот Свети Петар. Лепрозните се наоѓаат во ужасна состојба, не толку заради болеста, туку заради општествената исклученост - рече Папата, посочувајќи: Во времето на Исус морале да бидат одвоени од другите луѓе. Затоа тие застанале на растојание од Исус. Тие го повикуваа Исус со силен глас, иако беа исклучени. Поради нивната состојба, тие не останале неподвижни, тие повикуваа кон Бог, кој не исклучува никој. Не смееме да се затвораме во себе, да се жалиме и да мислиме на осудите од другите, туку да го повикуваме Господ, зашто Господ го слуша плачот на оној кој е сам.

Како и лепрозните, исто така и нас ни е потребно оздравување - рече Светиот Отец, истакнувајќи: Треба да се лечиме од недовербата во себе, во животот и во иднината; од многу стравови; од пороците на кои сме робови; од многу затворања, зависности и наврзаности. Господ го ослободува и го лекува срцето ако го повикаме и му кажеме: „Господи, верувам дека можеш да ме излечиш; Исусе оздрави ме од мојата затвореност, ослободи ме од злото и стравот. Оние во потреба го повикуваат Исусовото име. Да се повикува Исус со име е знак на доверба. На тој начин расте верата, носејќи го Исус во она што сме, отворени срца, без да ја криеме својата беда. Секој ден, со доверба да го повикуваме Исусовото име кое значи „Бог спасува“.

Кога лепрозните стоеја пред Исус, тие не оздравеа, туку подоцна додека одеа. „И тие, одејќи, се очистија“, рече папата Фрањо и додаде: „Тие се излекуваа одејќи кон Ерусалим, односно додека се искачуваа. Ние, исто така, се чистиме по патот на животот по кој честопати треба да се искачуваме, затоа што тоа води кон горе. Верата бара одење и излегување, прави чуда ако излеземе од својата безбедност; се зголемува благодарение на дарот и расте со ризикот; напредува кога одиме опремени со доверба во Бога. Верата оди низ понизни и конкретни чекори, како што се чекорите на десетте лепрозни и капењето на Нееман во Јордан, тошкако што стои во прво читање од денешната литургија. Исто така, во верата напредуваме преку понизна и конкретна љубов, во секојдневното трпение, повикувајќи го Исус и одејќи понатаму.

Лепрозните тргнаа заедно. Одејќи се исчистија! - рече Папата и продолжи: „Вера значи да одиме заедно, никогаш сами. Меѓутоа, откако се излекуваа, деветмина заминуваат по својот пат и само еден се враќа за да се заблагодари. Значи, Исус изразува тага: „А, каде се деветтмината?“ Изгледа дека оној единствениот што се вратил бара сметка за другите девет. Навистина, ние кои тука славиме евхаристија, наша задача е да се заблагодариме, да се грижиме за оние што престанале да одат и кои го изгубиле патот. Ние сме чувари на браќата кои се далеку, ние сме нивни посредници, ние сме одговорни за нив и тие мора да бидат во нашите срца. Ако сакате да растете во верата, грижете се за некој брат или сестра кои се далеку.

Само на оној кој му се заблагодари на Исус му рече „Твојата вера те спаси“! Тој не само што се излекува, туку се спаси - рече Светиот Отец, додавајќи: Тоа ни кажува дека целта не е здравјето и да ни биде добро, туку средбата со Исус. Спасението не е да пиеме вода за да би биле здрави, туку да одиме до изворот, кој што е Исус. Само Тој ослободува од злото и го лекува срцето, само средбата со Него спасува, ја дава полнотата и убавината на животот. Кога ќе се сретнеме со Исус, спонтано се раѓа „благодарам“, затоа што откриваме дека од примањето милости и решавање на некои неволји поважно е да го прегрнеме Господарот на животот.

Човекот што оздрави беше Самарјанин. Со целото свое битие тој искажуваше радост, фалејќи го Бога и славејќи го на сиот глас; тој се фрли пред нозете на Исус, заблагодарувајќи му - рече папата Фрањо и додаде: Кулминација на одењето на верата е да се живее, давајќи благодарност на Бог. Како верници, може да се запрашаме: Дали ги живееме нашите денови како товар кој мора да го поднесуваме или како пофалба што ја принесуваме? Дали сме концентрирани на самите нас, чекајќи ја можноста како повторно би побарале благодат или радост во благодарноста?

Кога се заблагодаруваме, Отецот има сочувство кон нас и го излева Светиот Дух врз нас - рече Папата, објаснувајќи: Благодарноста не е прашање на љубезност и пристојност, туку прашање на вера. Срцето кое благодари останува младо. Да се каже: „Благодарам, Господи“, кога ќе се разбудиме и навечер пред да заспиеме е противотров за стареење на срцето. Така е потребно во семејството, меѓу сопружниците да се сетиме и да се кажува благодарам. Благодарам е наједноставниот и најкорисниот збор.

Денес се заблагодаруваме на Господ за новите светци кои одеа во вера и кои сега ги повикуваме како наши заштитници, рече Светиот Отец и истакна:„Тројца од нив се монахињи кои ни покажуваат дека монашкиот живот е чекорење во љубовта по егзистенцијалните периферии на светот. Света Маргурит Бејс беше кројачка и ни покажува колку е моќна едноставната молитва, трпеливото поднесување и тивкото препуштање. Низ тие работи Господ преку нејзината понизност го оживеа сјајот на Воскресението.

Тоа е светоста во секојдневниот живот за кој зборува свети кардинал Њуман, кој рече: „Христијанинот поседува длабок, тивок и скриен мир што светот не може да го види. Христијанинот е радосен, мирен, љубезен, безопасен, скромен; не поставува барања, неговото однесување е далеку од фалење и преправање што може да се види на прв поглед кај обичните луѓе. Се молиме за да можеме да бидеме такви, нежни светла во темнината на светот. Исусе, остани со нас и ние ќе блеснеме како што сјаеш ти, за да можеме да бидеме светло за другите во светот – рече на крајот папата Фрањо.

15 октомври 2019, 15:55