Пребарување

Папата Фрањо на светата Литургијата по повод отворањето на Епископската синода за Амазонија Папата Фрањо на светата Литургијата по повод отворањето на Епископската синода за Амазонија  

Папата ја отвори Синодата за Амазонија

Многумина во Амазонија носат тешки крстови и очекуваат нежна љубов на Црквата - рече папата Фрањо на светата Литургијат за време на отворањето на Епископската синода за Амазонија и ги охрабри пастирите да одат заедно со оние кои ги положија своите животи во тие делови, обновувајќи го огнот на примената љубов. Оган подметнат од интереси кои уништуваат, како што е тоа во Амазонија, не е оган на Евангелието.

Добивме дар за да бидеме дар - рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во недела 6 октомври 2019 година за време на отворањето на „Епископската синода за Амазонија“. Осврнувајќи се на литургиските читања, Папата истакна дека не треба да го присвоиме овој дар и да се ставиме во центарот, затоа што во спротивно ќе станеме службеници, од дарот ќе направиме служба и ќе исчезне бесплатноста, а на овој начин на крај ќе служиме на самите себе и ќе се служиме со Црквата. Ние не сме тука за некоја корист, туку за да служиме; бесплатно примивме и бесплатно даваме. Целата наша радост е во служењето, затоа што Бог ни служеше, правејќи се наш слуга.

Повикани сме да служиме, ставајќи го дарот Божји во центарот, а за да бидеме верни на овој повик и посланието, свети Павле не потсетува дека дарот мора да го оживееме - рече Светиот Отец, посочувајќи: Дарот што го добивме е оган, љубов што гори за Бог и браќата. Огнот не може да се одржи сам, ако сè остане како што е, тој ќе се угасне од стравови и грижи. Црквата во никој случај не треба да се ограничува на пасторал на одржување. Мисионерската ревност е знак на зрелост на христијанската заедница. Исус не дошол да донесе развигор на земјата, туку оган.

Светиот Дух, давател на дарови, е оган што го оживува дарот - рече папата Фрањо и забележа: Како што вели свети Павле, Бог не ни даде дух на срамежливост, туку на сила, љубов и проникливост. Проникливоста е доблест што ни овозможува да го разликуваме и го препознаеме нашето вистинско добро во секоја ситуација и да избереме соодветни средства. Мудроста не е неодлучност или одбрана, туку доблеста на пастирот за да служи мудро, распознава и да биде чувствителен на новоста на Светиот Дух. Оживувањето на дарот во огнот на Светиот Дух е спротивно на тоа да ги оставиме работите да одат без нашето заземање. Нека Светиот Дух ја инспирира нашата синода да ги обнови патиштата на Црквата во Амазонија, за да не се изгаси огнот на посланието.

Божјиот оган е топлина што привлекува и се собира до единство; тоа е поддржано преку споделување наместо да бара корист. Меѓутоа, огнот кој продира се распламтува преку промовирање на сопствените идеи, сопствената група и уништување на различностите за да се овозможи сè и сешто. На Евангелието не се служи со силата на светот, туку со силата на Бог, останувајќи секогаш во понизна љубов, верувајќи дека единствениот начин за да се поседува живот е да го изгубиме од љубов - рече помеѓу останатите Папата.

07 октомври 2019, 12:59