Пребарување

Папата Фрањо на средба со бискупите од Мадагаскар Папата Фрањо на средба со бискупите од Мадагаскар 

Папата во Мадагаскар: Средба со бискупите

Во катедралата во Андохало, посветена на Безгешното зачнување на Богородица, која е сместена во населбата Ренивохитра во Антанариво, Папата се сретна со бискупите од Мадагаскар. На влезот во катедралата го пречекаа претседателот на Бискупската конференција, кардинал Десире Царахазан, во придружба на парохот.

Пастирите треба да бидат близу до Бог, своите свештеници и народот – истакна папата Фрањо на 7 септември 2019 година попладне во говорот до мадагаскарските бискупи. Папата на почетокот се осврна на мотото за посетата на оваа островска земја, кое гласи: Сејач на мирот и надежта“ и истакна дека тоа е всушност одек на посланието кое им е доверено.

Сејачот знае да чека, има доверба, врз себе го презема разочарувањето, но никогаш не престанува да го сака полето кое му е доверено да се грижи. Такви се и бискупите – според зборовите на Папата – повикани да сејат семе на вера и надеж на оваа земја. Токму заради тоа религијата не може да се ограничи само на приватноста, без влијание на општествениот и националниот живот, без грижа за институциите од граѓанскиот живот и не искажувајќи мислење за настаните кои се однесуваат на граѓаните. Затоа зрела и независна соработка помеѓу Црквата и државата е постојан предизвик – истакна Папата.

Како би биле пастири во склад со Божјото срце, бискупите би требало да бидат први кои ќе го навестуваат Евангелието на сиромашните; тие се имено привилегирани приматели на Евангелието. Треба јасно да се истакнува дека помеѓу верата и сиромашните постои неразделна врска. Никогаш да не ги оставиме сами – поттикна Светиот Отец.

Верноста на Евангелието ги прави пастирите блиски до Божјиот народ, поаѓајќи од браќата свештеници. Тие се нашите најблиски браќа и треба од нас да добијат посебна грижа. Свештениците во вас треба да пронајдат секогаш расположливи татковци – напомена Папата – кои знаат да охрабрат, помогнат, способни да ги оценат напорите и да го придружат можниот напредок. Пастирот е како голман во фудбалската екипа; ја фаќа топката таму каде што ќе му ја фрлат; знае да се движи, знае да ја прифати реалноста каква што е.

Освен тоа Светиот Отец ја истакна итната потреба за придружба и разликување, посебно кога се однесува на звањата за посветен живот и свештенство. Важно е да се обезбеди автентичност на тие звања – напомена Светиот Отец и го истакна задоволството од вложените напори како би се гарантирала формацијата на вистински и свети работници. Тие настојувања треба да се прошират и на лаиците, кои исто така се повикани да работат великодушно и одговорно – рече Папта и на крајот ги истакна пасторалните предизвици за заштита на животната средина и проблемот со емиграцијата, кои бараат заедничко размислување и делување.

08 септември 2019, 09:50