Папа Фрањо на Литургија во Мадагаскар Папа Фрањо на Литургија во Мадагаскар 

Папата во Мадагаскар: Пред сиромаштвото христијанинот не смее да седи со скрстени раце

На периферијата од Антанариво, во Мадагаскар, во недела 8 септември 2019 година на светата Литургија со папата Фрањо учествуваа милион верници. Светиот Отец ги поттикна да не се затвораат во својот мал свет, во својот клан и во лажната сигурност како што се парите и моќта, туку да се отворат за другите како би можеле да уживаат во новиот живот.

Сочуствувајте со браќата, најлошо е ропството да се живее за себе – рече папата Фрањо на светата Литургија, која ја служеше на периферијата од Антанариво, во Мадагаскар. Тој ги повика верниците да не се затворат во својот мал свет на семејство, клан и потрага за сопствени пари, туку да го подигнат погледот и да го стават Бог, не себе, во ценатрот на својот живот, и така да се отворат за браќата. Колку многу луѓе страдаат и се лишени од сѐ! Тоа не е дел од Божјиот план – рече Папата и предупреди: Нашата затвореност и арогантност мора да умрат, како би завладеал духот на братство и секој да се чувствува сакан и почитуван со своето достоинство.

Христијанското одрекување има свое значење само во светло на радост во средбата – рече Светиот Отец и истакна: Новиот живот кој сака Господ да ни го даде се претвора во соблазнива неправда ако веруваме дека можеме да се концентрираме само на крвната поврзаност, припадноста на кланот и сопствената култура, додека истовремено сме повикани да го гледаме другиот како брат, без разлика на неговата семејна и културна припадност, и да сочувствуваме со него. Меѓутоа, кога „сродството“ одлучува дали е праведно, за свети се прогласуваат однесувања кои водат во култура на привилегија и исклучување.

Во земја во која има неухранети и искористувани деца, христијанинот не може да остане со скрстени раце и рамнодушен, туку мора да пружи рака – рече Светиот Отец и напомена: Господ сака да подготви влегување на Царството Божјо и да го ослободи човекот дека живее само за себе, што е најлошото ропство. Напаст е да се затвориме во својот мал свет и на тој начин да оставиме малку простор за другите. Тогаш сиромашните веќе не влегуваат, не го слушаме повеќе Божјиот глас, ја немаме повеќе Неговата радост, не сме веќе воодушевени за правење добро. Многумина во тоа може да се чувствуваат сигурни, но на крајот стануваат мрзоволни, се жалат и немаат живот во себе.

Нашиот живот е плод на Божјиот дар и на многу луѓе, кои ќе ги запознаме дури во Божјото Царство – рече папата Фрањо и предупреди: Не смееме да веруваме дека сѐ доаѓа од она што го поседуваме, мораме да се свртиме на квалитетите; мудрост е да не се биде наврзан на работите, затоа што така можеме заедно мора да се бориме против идолопоклонството. Исусовите барање престануваат да бидат тешки токму тогаш кога започнува да се ужива во радоста на новиот живот кој настанува со спознавањето дека Исус дојде да нѐ побара, кога бевме изгубени. Мораме да сакаме Мадагаскар да го направиме место во кое евангелието ќе стане живот.

За време на светата Литургија, на олтарот беа изложени мошти на блажениот Рафаел Луис Рафринге, мадагаскарски монах, воспитувач, вероучител и посредник за мир, кој помогна на локалната Црква кон крајот на 19. Век во времето на прогонствата и протерувањето на мисионерите од земјата. Во исто време живеела и блажена Викторија Расоаманариво, чиј што гроб го посети папата Фрањо. На крајот од светата Литургија, надбискупот на Антанариво, монсињор Разанаколана се заблагодари на Папата во име на мадагаскарскиот народ, што дојде да сее надеж и мир и да ги охрабри во верата и ангажираноста за сиромашните.

После завршувањето на светата Литургија, за време на Ангелот Господов, Папата изрази признание до претседателот Рохелини и се заблагодари на сите кои придонесоа за успех на неговата посета, а се заблагодари на Богородица, чиј што роденден денес го славиме, и ја замоли да го следи одот на Мадагаскар кон патот на мир и надеж.

08 септември 2019, 17:57