Пребарување

Папата Фрањо на светата Литургија по повод Светскиот ден на мигранти и бегалци Папата Фрањо на светата Литургија по повод Светскиот ден на мигранти и бегалци 

Папата Фрањо: Не можеме да останеме рамнодушни пред сиромаштвото

По повод Светскиот ден на мигранти и бегалци папата Фрањо служеше света Литургија на плоштадот Свети Петар. Да го љубиш својот ближен значи да станеш ближен на сите патници кои се злоупотребени и напуштени на патиштата на овој свет.

Не можеме да останеме рамнодушни пред сиромаштвото на многумина – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во недела 29 Септември 2019 година, на плоштадот Свети Петар по повод Светскиот ден на мигрантите и бегалците. Псалмот за денешната Литургија нѐ потсетува дека Господ ги поддржува странците, вдовиците и сираците – рече Папата и нагласи: Псалмистот изрично ги спомнува тие категории кои се посебно ранливи, често заробувани и изложени на злоупотреба. Странците, вдовиците и сираците тие се оние без права, исклучени и маргинализирани за кои Господ посебно се грижи. Затоа Бог бара од Израелците на нив да им посветат посебно внимание.

Господ во Книгата Исход го предупредува народот на никој начин да не ги злоупотребува вдовиците и сираците затоа што Он го слуша нивниот крик (2 Мојсеева 22,23) – рече Светиот Отец и истакна: Истото предупредување се повотрува два пати во Книгата Повторени закони со додаток за странците кои исто така се вброени во заштитените категории (5 Мојсеева 24,17; 27,19). Причината за тоа предупредување е јасно протолкувана во истата книга. Бог Израелов е оној кој „право суди на придојден, на сирак и на вдовица, го сака придојдениот и му дава леб и облека.“ (5 Мојсеева 10,18). Таа грижлива загриженост кон загрозените е прикажана како особина според кој се разликува Бог Израелов, а како морална обврска се бара и од сите оние кои сакаат да припаѓаат на Неговиот народ.

Заради тоа мора посебно да бидеме внимателни кон странците како и кон вдовиците, сираците и кон сите кои денес се отфрлени – рече папата Фрањо и истакна, во пораката за овој 105. Светски ден на мигрантите и бегалците како рефрен се повторува темата: „Не се работи само за мигрантите.“ И вистина е, не се работи само за странците, туку за сите жители на егзистенцијалните периферии кои заедно со мигрантите и бегалците се жртви на културата на отфрлање. Господ бара кон нив во практиката да се применува милосрдна љубов, да ја обновиме нивната и својата човечност, никого не исклучувајќи, ниту изоставувајќи.

Истовремено додека правиме дела на мислордната љубов, Господ бара да размислуваме за неправдите кои создаваат исклученост посебно привилегиите на малкумината кои за да се сочуваат одат на штетата на многумина – рече Папата и продолжи: Денешниот свет секој ден сѐ повеќе е елитистички и суров кон исклучените. Земјите во развој и понатаму ги трошат своите најдобри природни и човечки богатства за благосостојба на неколку привилигирани пазари. Војните ги погодуваат само некои подрачја на светот, но оружјето со кое тие се водат се произведува и продава на други подрачја кои потоа не сакаат да ги прифатат бегалците кои се плод на тие конфликти. Цената секогаш ја плаќаат најмалите, сиромашните и најранливите на кои им се забранува да седнат на масата и на кои им се оставаат трошките од гозбата.

Во таа смисла мора да ги сфатиме острите зброви на пророкот Амос од првото читање за денешната Литургија (Амос 6.1.4-7) „Тешко им на оние што се без грижа во Сион и на оние што се надеваат на гората Самариска, кои се првенци во народот, и при кои доаѓа домот Израилев – потсети Светиот Отец и додаде: Не се свесни за пропаста на Израел затоа што премногу се зафатени, обезбедувајќи си добар живот, вкусна храна и фини пијалоци. Впечатливо е како после 28 века тие опомени ја сочувале својата актуелност. Имено и денес културата на благосостојба нѐ води да размислуваме само за себе, нѐ прави нечувствителни на криковите на другите, нѐ води во рамнодушност кон другите, уште повеќе во глобализација на рамнодушноста.

На крај во опасноста сме да станеме како богатиот, за кој ни зборува Евангелието од денешната Литургија кој не се грижи за сиромашниот Лазар полн со рани и кој сакал да се насити од тоа што паѓало од неговата трпеза (Лука 16, 20-21) – рече папата Фрањо и истакна: Премногу зафатен со купување на скапа облека и со подготвувањето на гозби богатиот не го гледа страдањето на Лазар. И ние, премногу зафатени за да ја сочуваме својата благосостојба ризикуваме да не го забележиме братот и сестрата во тешкотии. Но, како христијани не можеме да бидеме рамнодушни пред драмата на старото и новото сиромаштво, најмрачната осаменост, презирот и дискриминацијата на оние кои не припаѓаат на нашата група. Не можеме да останеме нечувствителни и со мртво срце пред бедата на многу невини. Не можеме да не плачеме и да не реагираме. Да Го молиме Господ за благодатта на плачот кој пред тие гревови го преобраќа срцето.

Ако сакаме да бидеме Божји мажи и жени, како што свети Павле бара од Тимотеј мора без двоумење и беспрекорно да ги чуваме заповедите (1 Тимотеј 6,14) – рече Папата и напомена: А заповедта е да се љуби Бог и ближниот. Тие две заповеди не можат да се разделат! Да го љубиш ближниот како себе значи и сериозно да се ангажираш за градење на праведен свет каде сите имаат пристап до земските добра, сите имаат можност да се остварат како луѓе и како семејства, каде на сите им се загарантирани основните права и достоинството.

Да го љубиш ближниот значи да се сочувствуваш со браќата и сестрите, да се приближиш, да ги допреш неговите рани и да го делиш со нив нивниот живот за конкретно да ја покажеш Божјата нежност кон нив – рече Светиот Отец и додаде: Тоа значи да бидеш ближен на сите патници кои се злоупотребени и напуштени на патиштата на овој свет за да им се ублажат раните и да се одведат до најближното место на прифаќање, каде е можно да се погрижат за нивните потреби.

Бог таа света заповед ја даде на својот народ и ја запечати со крвта на Својот Син Исус за да биде извор на благослов за целото човештво, за да можеме заедно да се заземеме за градење на човечкото семејство во согласност со оригиналниот проект кој е објавен во Исус Христос; сите да бидеме браќа и деца на еден Отец. Денес ни е потребна мајка и затоа мајчинската љубов на Марија, Пресвета Богородица од патот, Богородица од многу жалосни патишта ѝ ги доверуваме мигрантите, бегалците, сите кои живеат на перифериите на светот и оние кои стануваат нивни сопатници – заврши папата Фрањо.

30 септември 2019, 09:15