Пребарување

Папата Фрањо со претседателот на Мадагаскар Eндри Рохалин Папата Фрањо со претседателот на Мадагаскар Eндри Рохалин 

Папата во Мадагаскар: Средба со малгашките власти

На 7 септември претпладне папата Фрањо во претседателската палата во Антанариво се сретна со властите, претставниците на граѓанското општество и Дипломатскиот кор во Мадагаскар. Во говорот кој го одржа папата Фрањо по тој повод од присутните побара да се посветат на целосниот развој на жителите, не исклучувајќи никого

На почетокот од својот говор на малгашко тло, Светиот Отец истакна дека во преамбулата на нивниот Устав се истакнува една од основните вредности на малгашката култура, фихиванана, која евоцира дух на заедништво, меѓусебно помагање, солидарност, семејни врски, пријателство и добронамерност меѓу луѓето и кон природата. Тој напомена потоа дека тоа ја открива душата на малгашкиот народ и неговите посебни црти кои му помагаат храбро и пожртвувано да се спротивстави на многу неволји и тешкотии со кои мора секојдневно да се соочува.

Во говорот до малгашките власти, меѓу другото Папата истакна дека политичката функција и одговорноста се постојан предизвик за оние чие послание е да служат и да ги бранат своите сограѓани, посебно најранливите, и да обезбеди услови за пристоен и чесен развој, кој ги вклучува сите фактори од граѓанското општество. Како што предупреди свети Павле VI., развојот на нацијата не се сведува само на економски раст – рече папата Фрањо и додаде: За да биде развојот автентичен, мора да биде целосен, односно упатен кон промовирање на секој и на целиот човек.

Не може да се зборува за целосен развој без да се внимава на нашиот заеднички дом и грижа за него – предупреди Папата и додаде: Не станува збор само за пронаоѓање начини за зачувување на природните богатства, туку и за потрага за целосни решенија кои го разгледуваат односот на природните системи меѓусебно со општествените системи. Не постојат две одвоени кризи, една еколошка и друга општествена, туку една и сложена општествено - еколошка криза – рече Папата. Не може да има вистински еколошки пристап, ниту конкретно делување за заштита на животната средина без социјална правда, на која сегашните, но и идните генерации, не им го гарантира правото на заедничко управување со земските добра.

По тој пат треба да одиме сите, вклучувајќи ја и меѓународната заедница – рече Папата и ја истакна важноста од помош на меѓународните организации за развојот на Мадагаскар и нејзиното отворање кон светот. Меѓутоа предупреди и на ризикот отвореноста кон светот да се претвори во наводна ‘универзална култура’ која ги презира, отстранува и потиснува културните наследства на сите народи. Економската глобализација не би смеела да води кон културна хомогенизација – рече Светиот Отец. Освен тоа тој поттикна на посебно внимание и почитување кон локалното население и поддршка на нивните иницијативи.

На крајот Светиот Отец ја потврди волјата и подготвеноста на Католичката црква на Мадагаскар да биде во постојан дијалог со христијаните и другите деноминации, со припадниците на другите религии и со сите учесници во граѓанското општество за да придонесе за раѓање на вистинско братство кое секогаш високо ќе ја вреднува фихавананата и ќе промовира целосен човечки развој, не исклучувајќи никој. Со таква надеж го молам Бог да го благослови Мадагаскар и тие кои живеат таму, да го сочува вашиот преубав, мирен и гостољубив остров и да му подари благосостојба и среќа – рече на крајот Папата.

08 септември 2019, 08:44