Cerca

Vatican News
Верници го очекуваат Папата во Маврициус Верници го очекуваат Папата во Маврициус  (ANSA)

Папата во Маврициус: Младите се првото послание на Црквата

Служејќи света Литургија во Порт Луис, главниот град на Република Маврициус, папата Фрањо зборуваше за младите и евангелизацијата; ја поттикна Црквата да оди понатаму од денешните световни сигурности и да им помогне на младите конкретно да ги живеат блаженствата и да ја најдат својата среќа во Исус преку проектите на христијанскиот живот кој се остварува со радост.

Младите се првото послание на Црквата, треба да се тргнат од рацете на трговците на смртта – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во Порт Луис во Република Маврициус, на 9 септември 2019 година. Фокусирајќи се на своето размислување на темата за блаженствата, Папата рече дека блаженствата се како лична карта на христијанинот. Секој на свој начин мора да го прави тоа што Исус го кажува во говорот за блаженствата. Во нив се оцртува лицето на Учителот кое сме повикани да го откриваме во својот секојдневен живот како што правел апостолот на единството на Маврициус блажен Жак Десире Лавал кои многу се почитува во овие краишта. Љубовта кон Хритос и кон сиромашните го карактеризирала неговиот живот и го сочувала од погрешен начин на навестување на Евангелието. Го научил јаизкот на робовите и на едноставен начин им ја навестувал Радосната вест на спасението. (...)

Младите се тие кои ја поттикнуваат христијанската заедница да се обновува и затоа мора да им дадеме место во заедницата и општеството – рече папата Фрањо и истакна: И покрај економскиот раст кој вашата земја го оствари во последните децении, младите најмногу трпат заради невработеноста која не само што создава несигурна иднина, туку им ја одзема можноста да се чувствуваат протагонисти на својата заедничка историја. Несигурната иднина ги турка од патот и ги присилува на живот на маргините, оставајќи ги пред новите облици на ропство во 21 век, ранливи и без поддршка.

Младите се нашето прво послание – рече Папата и напомена: Мора да ги повикуваме да ја најдат својата среќа во Исус, но не на начин кој одбива или со одалеченост, туку давајќи им место, запознавајќи го нивниот јазик, слушајќи за нивниот живот, живеејќи со нив и давајќи им да почувствуваат дека се благословени од Бог. Да не дозволиме да ни го украдат младото лице на Црквата и на општествата! Да не дозволиме трговците на смртта да ни ги украдат првите плодови на оваа земја! Па и кога ни изгледа дека ситуацијата која нѐ опкружува нема решение, надежта во Исус бара да ја обновиме сигурноста во Божјата победа не само надвор во историјата, туку и во малите настани кои се испреплетуваат и во кои сме протагонисти на победата на оној кој ни дарува Царство.

За да го живееме Евангелието не можеме да очекуваме дека сѐ околу нас оди во прилог затоа што често световните интереси се против нас – рече Светиот Отец и продолжи, во потрошувачкото општество тешко е да се живеат блаженста; некои лошо гледаат на тоа, се сомневаат и исмеваат. Но, не можеме да дозволиме да нѐ обземе обесхрабрување. Мора да го обновиме тој повик на блаженствата да бидеме среќни. Зборовите „среќен и блажен“ се синоними за „свет“ затоа што изразуваат дека човекот кој е верен на Бог и кој го живее неговото Слово во дарувањето на себе, постигнува вистинско блаженство. (...)

Кога младиот човек ќе виде проект на христијански живот кој е остварен со радост, тоа воодушевува и охрабрува и чувствува желба да влезе на таа гора на блаженствата, сака да го сретне Исусовиот повик и Тој и го покаже кој е неговиот пат на среќата.

Да се молиме за нашите заедница давајќи го сведоштвото на радоста на христијанскиот живот, да видат процвет на звања во светоста во различни облици на животот, како што вдахнува Светиот Дух. Нека довербата во Господовата сила ги допре срцата на луѓето на оваа земја, а Дева Марија да ја молиме за дарот на отвореноста на Светиот Дух, за дарот на истрајната радост која не се намалува, која секогаш дава да вкусиме и потврдиме дека големи работи направил Семоќниот и дека Неговото име е свето – заврши Папата.

На крајот од славењето кардинал Маврице Пијат, епископ на Порт Луис, му се заблагодари на Светиот Отец за ангажирањето за мирот, општетсвената правда и заштитата на заедничкиот дом. Папата Фрањо пак на кардиналот му се заблагодари и на присутните верници, а посебно на затворениците кои му пишаа и им го упати својот благослов.

10 септември 2019, 12:18