Пребарување

Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов 

Папата: Да одбереме големи небесни работи, а не мали работи од земскиот живот

Празникот Вознесение на Марија е повик до сите, посебно до оние кои се погодени од сомнежи и тага и живеат гледајќи ‘доле’ – рече Светиот Отец и поттикна: Да погледнеме горе, небото е отворено; тоа не побудува страв, не е веќе далечно, затоа што на небесниот праг е мајката која нѐ чека.

Да одбереме големи небесни работи, а не мали работи од земскиот живот – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господо на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на евангелието од празникот Вознесение на Блажена Дева Марија, во кое Пресвета Богородица моли: „Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух воскликнува во Бога, Спасителот мој“ (Лука 1,46-47).

Во таа молитва глаголи се велича и воскликнува – рече Папата и објасни: Воскликнува кога ќе се случи некоја убава работа, за која не е доволно само радување во внатрешноста на својата душа, туку среќата мора да се изрази со целото тело. Значи, тогаш се воскликнува. Марија се радува заради Бога. Можеби и на нас ни се има случено да се радуваме заради Господ; да воскликнуваме поради постигнат резултат и заради убави вести кои сме ги примиле, но Марија денес нѐ учи да се радуваме во Бог, затоа што Тој прави големи работи.

На големи работи нѐ потсетува глаголот велича – рече Папата и продолжи: Имено да се велича значи да се воздигнува некоја реалност поради нејзината величина и убавина. Марија му искажува на Господ величина, го фали зборувајќи дека навистина е велик. Во животот е важно да се бараат големи работи, инаку се губиме во малите работи. Марија ни покажува ако сакаме да бидеме среќни, на прво место мораме да го ставиме Бог, затоа што само тој е голем.

Колку пати наместо тоа живееме некои работи кои вредат малку: предрасуди, бес, ривалство, завист, сувишни материјални добра... Колку ситници имало во нашиот живот! – рече Папата и додаде: Марија денес нѐ повикува да погледнеме на големите работи кои Господ ги направи на неа, а тоа се оние кои денес ги славиме. Марија е вознесене на небо, мала и понизна, прва ја прима најголемата слава.

Таа која е човечко битие, една од нас, постигна вечност со душата и телото – рече Папата и додаде: И таму нѐ чека како мајка, нејзините деца да се вратат. Всушност, Божјиот народ ја повикува како „врата на небото“. На патот сме ходочасници кон куќата која е ‘горе’. Денес ја гледаме Марија и ја гледаме целта. Гледаме дека едно создание е вознесено во славата на Исус Христос воскреснатиот и тоа создание не можело да биде никој друг освен Мајката на Откупителот Гледаме дека е во небо заедно со Христос, новиот Адам и Марија,  новата Ева, и тоа ни дава утеха и надеж на нашето ходочастие на земјата.

Празникот Вознесение на Марија е повик до сите, посебно до оние кои се погодени од сомнежи и тага, и живеат гледајќи ‘доле’ – рече Светиот Отец и поттикна: Да погледнеме горе, небото е отворено; тоа не побудува страв, не е веќе далечно, затоа што на небесниот праг е мајката која нѐ чека. Таа е царица на небото и наша мајка. Таа нѐ љуби, се насмевнува и грижливо ни помага. Како и секој мајка на своите деца ѝ посакува се најдобро и вели: Скапоцени сте во очите Божји; не сте создадени за мали задоволства од овој свет, туку за големи небесни радости.

Да, Бог е радост, а не досада. Да дозволиме Марија да нѐ поведе за рака. Секој ден кога ќе земеме Бројаница во раката и се молиме, правиме чекор напред кон таа голема цел од животот. Да дозволиме да нѐ привлече вистинската убавина, да не дозволиме да нѐ опфати ситниците од животот, туку да одбереме големи небесни работи. Пресвета Дева, Небесната врата, нека ни помогне секој ден со доверба и радост да гледаме таму каде што е нашиот вистински дом – рече на крајот Папата.

17 август 2019, 13:10