Пребарување

Меѓународна конференција за трговија со луѓе Меѓународна конференција за трговија со луѓе 

Папата: Потребно е да се ослободат жените од ропството на проституција

Папата Фрањо напиша предговор за книгата „Распнати жени“, за срамната трговија со луѓе, чии сведоштва од улиците ги донесува дон Алдо Буонаиуто од Заедницата Свети Иван XXIII. Книгата е објавена на 29 јули 2019 година

Кога на еден петок на милосрдието за време на вонредната Света Година влегов во куќата за прифаќање, која ја води Заедницата Свети Иван XXIII, не помислував дека таму ќе наидам на жени понижени, скршени и изморени – напиша Папата и истакна: Навистина распнати жени. Во просторијата во која ги сретнав девојките ослободени од трговијата со луѓе и присилна проституција, ја почувствував целата болка, неправда и последици од угнетувањето. Тоа беше можност повторно да се доживеат раните Христови.

Откако ги сослушав чувствителните човечки драми на тие јадни жени од кои некои имаа во прегратките деца, почувствував силна желба, дури и потреба да побарам простување за вистинските маки кои морале да ги поднесат заради корисникот, од кои многумина се нарекуваат христијани – пишува Светиот Отец и додава: Тоа беше уште еден поттик на молитва за прифаќање на жртвите од трговијата со луѓе, присилна проституција и насилство.

Човек никогаш не може да се стави на продажба – напиша папата Фрањо и објасни: Затоа сум среќен што можев да го запознаам скапоценото и храбро дело за помош и рехабилитација кое дон Алдо Буонаиуто го организира веќе со години, следејќи ја харизмата на Оресте Бензи. Тоа подразбира и подготвеност за изложување на опасности и одмазди од злосторниците, на кои тие девојки им донесувале неисцрпен извор на незаконска и срамна заработка.

Би сакал оваа книга да допре до што е можно повеќе читатели, како би можеле да сфатиме, познавајќи ги животите кои се зад бројките на жртвите, дека без запирање на големата побарувачка на корисници нема да може да биде успешно сузбивањето на искористувањето и понижувањето на невините животи – пишува Папата

Корупцијата е болест која не запира сама, ни треба свест на лично и колективно ниво, па и како Црква, како навистина би им помогнале на тие наши несреќни сестри и да спречиме злото на светот да паѓа на најслабите и најнезаштитените созданија – пишува Папата и додава: Секој облик на проституција е сведување на ропство, казнено дело и одвратен порок, кој го меша водењето љубов со задоволување на сопствените нагони со мачење на беспомошни жени.

Тоа е рана на колективна совест и застранување во моменталната фантазија. Менталитетот е патолошки кога жената која се искористува како роба, се користи и потоа се фрла. Тоа е болест на човештвото и погрешен начин на размислување за општеството. Ослободувањето на тие сиромашни робинки е дело на милосрдие и должност на сите луѓе со добра волја. Нивниот крик на болка не може да ги остави рамнодушни, ниту поединците, ниту институциите. Никој не смее да се сврти на другата страна или да ги измие рацете од невината крв која се пролива низ улиците на овој свет – завршува Светиот Отец во предговорот на книгата „„Распнати жени“.

30 јули 2019, 09:14